ПСЖ СО РЕКОРДНИ ПРИХОДИ Францускиот шампион заработи неверојатни 837 милиони евра

Пари Сен Жермен објави дека ја завршил сезоната со историски највисоки приходи, предводен од нови спонзорства и комерцијален успех.

44

Актуелниот европски фудбалски првак Пари Сен Жермен (ПСЖ) објави дека остварил рекордни приходи од 837 милиони евра во претходната сезона, што претставува највисока заработка во историјата на клубот.

Според извештајот на клубот, 175 милиони евра се генерирани од приходи од натпревари, додека 367 милиони евра доаѓаат од комерцијални извори, вклучително и влезот на шест нови спонзори.






– Оваа бројка ја потврдува стратегијата на долгорочен раст и глобално позиционирање на ПСЖ како водечки спортски бренд во Европа – се наведува во соопштението на клубот од Париз.

Вкупните приходи опфаќаат активности не само на машкиот фудбалски тим, туку и на женскиот клуб, како и ракометниот и џудо одделот, кои заедно придонеле за историскиот успех.

Во претходната сезона (2023/24), ПСЖ оствари 806 милиони евра приходи — износ што тогаш беше трет највисок во европскиот фудбал. Со новиот рекорд, клубот од Париз се зацврстува меѓу најмоќните финансиски институции во спортот.

Во мај годинава, списанието „Форбс“ ја процени вредноста на ПСЖ на 4,6 милијарди долари, со што клубот се наоѓа на седмото место во светот според вредноста. На врвот на листата се Реал Мадрид (6,75 милијарди), Манчестер Јунајтед (6,6 милијарди) и Барселона (5,65 милијарди).

– Постигнавме рамнотежа меѓу спортскиот и економскиот успех. ПСЖ не е само клуб – тој е глобална платформа за спорт, култура и брендови – изјави извршниот директор на клубот, Насер Ал-Келаифи, коментирајќи го рекордот.

Со овој резултат, ПСЖ испраќа јасна порака до конкурентите: спортивниот успех и финансиската стабилност можат да одат рака под рака.

Поврзани содржини