ПРВОТО БЕБЕ Е ЖЕНСКО, СЕ РОДИ НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА На полноќ се родија и близначки во Чаир

Мајката и бебето на ГАК денеска ги посетија министрите за здравство и за социјална политика, Азир Алиу и Фатмир Лимани, заменикот за здравство Јовица Андовски, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски и сопругата на премиерот, Рози Мицковска.

729

Првото бебе во 2026 во државава е девојче, Евгенија, родено на полноќ на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје. Родена е со царски рез, тешка е 2,8 килограми и долга 48 сантимери. Таа е трето дете во семејството Камчеви. Мајката е 38-годишната Емилија Камчева.

Мајката и бебето на ГАК денеска ги посетија министрите за здравство и за социјална политика, Азир Алиу и Фатмир Лимани, заменикот за здравство Јовица Андовски, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски и сопругата на премиерот, Рози Мицковска.






Директорката на ГАК Ирена Алексиоска-Папестиев изјави дека Евгенија е симбол на плодност, а тоа што е трето дете во семејството е стимул за многу семејства.

– Затоа што домот исполнет со многу дечиња е најсветол, најтопол и највесел дом. Им благодарам на фамилијата Камчеви што се пример и се надевам ќе охрабрат многу семејства во нашата држава да имаат многудетно семејство – рече директорката Алексиоска-Папестиев.

Таа рече дека на ГАК ќе продолжи подобрувањето на условите. Ја радува што по обновата на Школата за психосоцијална подготовка на пациентките има скок во породувањето од 170 новороденчиња.

– Не е многу, но по неколку години повторно надминавме 4.000 и минатата година имавме 4.043 раѓања во најголемото родилште во земјава. Се надевам трендот ќе го има и во другите родилишта – рече Алексиоска-Папестиев.

Министрите Алиу и Лимани кажаа дека уште две девојчиња се родени на полноќ во Гинекологија Чаир и дека девојчињата значат благослов.

– Оваа година ќе биде благословена. Ние како Министерство за здравство ќе инвестираме во инфраструктура и достоинствени капацитети за секое новороденче во нашата држава. Посакувам новороденчињата да имаат здрав живот и да живеат во благосостојба – рече Алиу.

Лимани додаде дека новороденчињата се симбол на почеток и надеж за нашата држава и им честиташе на семејствата со желби децата да растат во љубов и здравје.

– Секое ниво раѓање е богатство за нашето општество и силна мотивација да создадеме подобри услови за децата и семејствата. Наша е обврската да им дадеме услови за градинки, училишта и за вработување – рече Лимани.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски рече дека 2026 ќе биде плодна и бериќетна, зашто девојчињата се симбол на напредок.

Посочи дека покрај подароци за бебето на ГАК, ќе ги посетат и ќе ги даруваат и првородените две девојчиња во родилиштето во Чаир.

Првпат оваа година подароци од Град Скопје ќе има за сите новороденчиња, најави тој.

– Исто така ќе се потрудиме да ја зголемиме традиционалната поддршка од Град Скопје, за да ги стимулираме семејствата да имаат што повеќе дечиња, што е и во согласност со политиките на Владата, а и за државата тоа е потребно и Град Скопје секогаш ќе биде потпора – истакна Ѓорѓиевски.

Тој соопшти дека Град Скопје до втората половина на 2026 година ќе почне да ја гради првата катна гаража во Клинички центар, за да се реши проблемот со паркирањето.

– Реално ќе го реши проблемот за вработените и за сите наши сограѓани кои овде доаѓаат за потреба. До крајот на мојот мандат планираме две катни гаражи – изјави градоначалникот.

Поврзани содржини