ПРВО СУБВЕНЦИИ ЗА ХИДРАНТИ, А ПОТОА БЕЗМИЛОСНИ КАЗНИ Ѓорѓиевски најави помош и строга контрола за зградите во Кисела Вода
Родителите треба да знаат дека децата им одат во исправни училишта, а најмладите одат во безбедни градинки, вели градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
На седница на Советот на Кисела Вода ќе биде предложено со ребаланс на буџетот да се субвенционираат одредени згради кои немаат хидрантска мрежа, а потоа ќе има засилени казни, најави градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
– На крајот на месецов на седница на Совет јас ќе предвидам преку ребаланс на буџетот ставка со која ќе субвенционираме, да може во оние згради кадешто нема хидрантска мрежа да се постави. Ќе најдеме начин да го помогнеме процесот, но кога веќе ќе помогнеме во тој процес, тоа ќе значи безмилосни санкции понатаму за секој оној којшто нема да го спроведе она што треба да го спроведе – рече Ѓорѓиевски во гостување на Сител.
Тој зборуваше за проверките што беа извршени деновиве низ општините од аспект на безбедноста.
– Во најголем дел од општините над 90% темелни проверки се извршени. Многу беше важно за мене како претседател на ЗЕЛС, но и за останатите колеги најпрво да ја смириме нацијата, од аспект што родителите треба да знаат дека децата им одат во исправни училишта, да знаат дека најмладите во градинките се безбедни. Затоа првата фаза беше темелно да испитаме, да извршиме проверски на објектите од јавен карактер кои се надлежност од општините – рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека за аномалиите што се утврдени во одредени училишта треба да постапат директорите во соработка со локалната самоуправа, за да бидат отстранети тие недостатоци.
– Проверките се одвиваат на два начини. Онаму кадешто има доволно служби што можат да ги извршат тие проверки и извештаите се дека секаде е онака како што треба, односно дека ја поседуваат потребната документација, доволни излези, ПП опрема и сето тоа бараме да биде поткрепено со записници. Јас од кога сум градоначалник во мојата општина, секоја година, иако не е облигаторно во законот, се вршат инспекциски контроли и така треба да функционираат сите општини. Кај нас имало одговорно постапување, но, има општини кадешто не се вршени контроли секоја година – објасни Ѓорѓиевски.