ПРВО СТАБИЛЕН ИНТЕРНИСТ И СТАБИЛЕН ОПШТ ХИРУРГ, ПОТОА ПОТЕСНА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА По 15 години се менува програмата за медицински специјализации

Со дефинирањето на новите програми за специјализации темелно се менува пристапот за креирање медицински кадар кој треба да биде носител на здравствениот систем.

245

Министерство за здравство најави нови програми за специјализација што претставува една од најсуштинските промени во здравствениот систем во земјава.

– Дефинирани се новите програми за специјализација, со кои темелно се менува начинот на кој го создаваме медицинскиот кадар што треба да биде носител на системот во следните години. Повеќе од 15 години програмите во високото медицинско образование не беа суштински обновени, а за тие 15 години, реалноста драстично се смени, имаме демографски промени, промени во зачестеноста на болестите, очекувањата на пациентите, но и во самата медицина. Јас доаѓам од ИТ секторот, каде ако 15 години не го менувате моделот, вие повеќе не подготвувате кадар за иднината. Истото важи и за здравството, ако не ги модернизираме програмите, ќе ја пропуштиме шансата новите методи и технологии да станат дел од секојдневната клиничка пракса – рече министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес конференција.






Тој посочи дека целта е да се добие прво лекар со општа специјализација, кој може да одговори на реалните потреби на граѓаните надвор од клиничките болници, во општите и во регионалните болници, во секундарното здравство, таму каде што се најголеми реалните здравствени потреби на граѓаните. На тој начин, здравствениот систем ќе добие рамномерно дисперзиран медицински кадар, а кој ќе може да понуди специјалистички третман на хронични болести, итни состојби, да обезбеди континуитет на терапија, навремена дијагностика и правилно упатување кон терциерното здравство.

– Суштината на новите програми е едноставна, но воедно и храбра, односно се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка, и се гради силна, општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации. Тоа значи прво стабилен интернист и стабилен општ хирург, а потоа таму каде што има потреба процесот на образование ќе продолжи со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области како супспецијалистичка надградба. Програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјава. Тоа значи еден стандард, еднакви критериуми, ист квалитет на програмите – заклучи министерот.

Деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ појасни дека порано имало специјализации каде морало да се биде општ специјалист или општ интернист, и овие специјализации траеле четири години, со што биле задоволени сите потреби на болниците во секундарното јавно здравство, додека на клиниките и некои од поголемите болници, како ГОБ „8 Септември“ имале потреба од дополнително високо специјализиран кадар и биле упатувани на супспецијализации кои траеле две години.

– Ова е воочено изминатиот период, но сега во контакт со сите шефови на катедри, професори од медицинските факултети, конечно се нафаќаме тоа да го ревидираме, затоа што треба да се вратат тие општи специјализации особено на хирургија и интерна медицина, кои ќе го понудат она што на нашата држава ѝ е потребно – рече Антовиќ.

Претстедателката на Лекарската комора Калина Гривчева Старделова посочи дека Комората била иницијатор на овој процес имајќи предвид дека во секојдневните средби со колегите е констатирано дека овие 15 години покажале дека моделот на специјализации не е доволно добар.

– Ние имаме потреба да им овозможиме на докторите што учеле да може да прегледуваат пациенти, и доколку има потреба понатаму да ги упатат во соодветна установа на повисоко ниво. Сегашните специјализации се предолги ако ги споредиме со супспецијализациите и токму затоа заеднички го дефиниравме овој нов модел – истакна Гривчева Старделова.

 

Поврзани содржини