Веќе се подготвуваат листи на пациенти чиишто интервенции биле откажани, тие имаат приоритет, но пред операција прво ќе бидат тестирани дали се позитивни или негативни на вирусот, за да се заштитат вработените на клиниките. Овој процес, согласно олабавување на мерките и растеретување на ГОБ „8 Септември“, би требало да важи од следната недела, а ќе има и нов систем на закажување , преку „Мој термин’ – најави денеска министерот Филипче.
Тој додаде дека веќе привршува правењето на новите влезови до хируршкиот ургентен центар и инфективната клиника и асфалтирање на улицата под Хируршките клиники, која ќе проработи од понеделник. ПЕТ центарот за производство на реагенси почнал да работи.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека новите влезови на клиниките ќе го олеснат пристапот и ќе го решат сообраќајниот хаос.
За тријажниот центар, кој треба да биде една форма на интернистички Ургентен центар, тој прецизираше дека центарот ќе има директен влез и излез, но и соодветна опрема.
– Ќе се направи и систем на ротација, дежурства и на специјализанти и ќе се олесни пристапот и квалитетот на здравствена заштита. За тријажниот центар, тоа треба да биде една форма на интернистичко ургентен центар. Нешто што е многу тешко физички и заради недостиг на опрема се реализираше на Клиниката за токсикологија – рече Филипче.
Тој додаде дека ќе се пушти веднаш откако ќе биде целосно опремен.
За тоа кога ќе бидат набавени реагенси за правење скен на коски, Филипче кажа дека реагенсот се произведува во ПЕТ центарот, а од понеделник е во функција.
– Реагенсот се произведуваше во ПЕТ центарот, но во овој период се направи редовен сервис и затоа имаше застој во работата во приватните болници, заради тоа што нема реагенси кои се носеа од странство заради тоа што се затворени аеродромите. Не може по друг пат, зашто има многу кусо време на активност кај тој реагенс по производството. Од понеделник е ставен во функција ПЕТ центарот – и производството и дијагностиката, со нешто намален број на пациенти за да се стави акцент и на превенција и на детална дезинфекција помеѓу снимањата – рече Филипче.