ПРВО ИСПРАЗНЕТЕ ГИ КУЌАРКИТЕ, ПА ПАК ЌЕ ВИ ГИ ДАДЕМЕ Арсовска им билда мускули на продавачите на стари книги

Во разговор со некои од продавачите, кои ги затекнавме како ги празнат куќарките, бевме информирани дека постигнале првичен договор со градоначалничката Данела Арсовска, откако ќе склучат договор со Градот, и во иднина да ги користат објектите.

3,106

Продавачите на стари книги и други антикварни предмети кои ги користат дрвените куќички на Кејот 13 Ноември и на неколку други локации во центарот до утре треба да ги испразнат откако добија наредба од Градот Скопје да се иселат поради тоа што немаат активни договори.

Во разговор со некои од продавачите, кои ги затекнавме како ги празнат куќарките, бевме информирани дека постигнале првичен договор со градоначалничката Данела Арсовска, откако ќе склучат договор со Градот, и во иднина да ги користат објектите.






– Како што ни кажа градоначалничката, треба да ги испразниме куќарките. Во текот на утрешниот ден треба да дојде комисија од Градот, да ги фотографира празни и потоа да потпишеме договор за да можеме повторно да ги користиме. Не ми е јасно зошто се комплицира целата работа. Еве цел ден работиме и ги преместуваме книгите, а потоа ќе треба повторно да ги вратиме и покрај тоа што ќе ги обновиме договорите – вели зачудено еден од продавачите.

Тие се задоволни што ќе можат да ги користат куќарките кои станаа симбол на културниот живот во градот и каде што љубителите на книгата може да најдат постари изданија кои ретко ги има во книжарниците.

– Знаете, ова е моја единствена егзистенција. Продавам по некоја книга, што се вели да извадам парче леб. Кога ни рекоа дека треба да се селиме, навистина стравуваме за нашата иднина, не знаевме што ќе се случи, но среќа имавме добар разговор со Арсовска и малку се потсмиривме – додава друг продавач.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во нејзиното гостување на ТВ Канал 5 истакна дека Градот го решава проблемот со куќарките на кејот на Вардар, велејќи дека тие на нов јавен повик ќе имаат можност да добијат договор и да бидат правно заштитени.

– Лицата кои стопанисуваат со овие куќарки, сега во овој момент, за жал, тоа го прават без регулиран статус, бидејќи некој уште во 2018 година не им овозможил тие правно да си го регулираат. Она што Град Скопје во овој момент го прави е регулирање на нивниот статус, односно примопредавање на куќарките. Преку соодветен јавен повик тие ќе може да аплицираат и да добијат соодветен договор. Вака ќе бидат заштитени. Имавме конструктивен состанок со нив, знаат која е намерата на Градот. Не станува збор само за тие неколку куќарки на кејот на Вардар, туку за вкупно 22 лица со нерегулиран статус на повеќе потези низ централното градско подрачје – истакна Арсовска.

Таа додаде дека на средбата биле истакнати многу проблеми од страна на овие лица, потенцирајќи дека тоа се проблеми наталожени од изминатите неколку години, пред сè, затоа што некој не сакал да им го реши нивниот статус.

– Се случило и кршење на нивните куќарки, некој се обидел да ги оштети и да украде нешто од таму. Едноставно, тие немаат како да се легитимираат за да се заштитат, затоа што некој не им овозможил да имаат договор. Ние се обидуваме правно да ги заштитиме со договор, да немаат само обврски, туку да имаат и права – рече Арсовска.

Куќарките наменети за продажба на стари книги и други антиквитети, лоцирани на кејот на Вардар кај „Дрводекор“ во центарот на Скопје, беа промовирани на 26 јули 2012 година иако од Град Скопје тврдат дека корисници за првпат се пријавиле на јавен оглас во 2011 година со договор во траење од една година. Како што рече тогашниот градоначалник Коце Трајановски, закупувачите на куќарките месечно беа обврзани да плаќаат по 500 денари. За реализацијата на овој проект од градскиот буџет беа потрошени околу 4,5 милиони денари.
Според Арсовска, претходниот градоначалник Петре Шилегов со продавачите не потпишал никаков договор, па тие не плаќале никаков надомест.

Поврзани содржини