Прво е интересот на Бугарија а потоа интересот на кандидатот

Вратете се малку назад во историјата на нашата независна земја и читајте записи од тоа време. Доволно е само да го замените зборот Грција со зборот Бугарија и ќе видите како се повторува историјата.  Сѐ е буквално исто. Ист ли ќе биде и крајот? Јанша вели – да.

3,834

Прво е интерсот на Бугарија а потоа оној на кандидатот, изјави словенечкиот премиер и новиот претседавач со Европската Унија, Јанез Јанша. Сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки а не на кандидатите за членство, сум напишал и објаснил безброј пати. Зошто и после  тридецениското искуство со Грција не сме во состојба да ја апсолвираме оваа базична лекција? Не знаеме? Знаеме. Па зошто тогаш?

Затоа што народот не сака да ја чуе таа вистина, а политичарите и интелектуалците не сакаат да одат против неговата волја, од страв дека ќе ги загубат позициите. До кога? Додека самиот народ не почувствува мака и ќе побара спас.






Уште ми е свеж во сеќавањата разговорот со тогашниот потсекретар во МНР Ристо Никовски кој, верувам  од најдобри намери, се обиде да ми укаже на оваа логика на политичкото поведение. Тоа беше на почетокот од нашата независност и на спорот со Грција. Зошто толку инсистирате на компромис, ме праша, укажувајќи на фактот дека некоја идна власт може да ме повика на одговорност. Ако не се посветиме на брзо решение преку компромис, му одговорив, ќе страда народот. Ама истиот тој народ ќе ве обеси на плоштад ако се обидете преку компромис да му помогнете, беше неговиот коментар.

Од аспект на логиката на политиката и интересот на политичарот да си ја зачува позицијата, па и голиот живот во некои ситуации, Никовски беше целосно во право. Теоретски гледано, професор на универзитет, нов во политиката, каков што бев јас, исто така беше целосно во право од аспект на интересот на народот. За моја среќа и за несреќа на народот, логиката на политиката надвладеа и претседателот Глигоров смени курс, а со тоа доби и нов министер за надворешни работи. Другото е историја.

Спорот кој се влечкаше 27 години се реши со прилично тежок компромис за нас. Се реши затоа што поволни беа меѓународните околности за членство во НАТО, кога безбедносниот интерес на Америка визави оној на Русија се судрија на Балканот како и домашните околности каде водачи на две значајни партии, СДСМ и Сириза, застанаа зад нужноиста од компромис. Во тој момент, базмалку три децении подоцна, ќе требаше цела една партија да се обеси на плоштад.

И во новиот спор со Бугарија валиден е советот на Ристо Никовски, па оттаму и бегањето на македонските политичари и интелектуалци да се зафатат со барање брзо решение. Плоштадот уште чека: заканите се уште погласни. Македонско-бугарскиот, како претходно и македонско-грчкиот спор, стана важен дел од партиските политики во борба за победа на наредните избори. Во изборната жар, младиот човек од ВМРО-ДПМНЕ некни изговори такви навреди кон соседниот народ од кои сите треба да се срамиме.

Што се случува? Вратете се малку назад во историјата на нашата независна земја и читајте записи од тоа време. Доволно е само да го замените зборот Грција со зборот Бугарија и ќе видите како се повторува историјата.  Сѐ е буквално исто. Ист ли ќе биде и крајот? Јанша вели –да.

Поврзани содржини