ПРВО ДА ВИДИМЕ КОЈ ПАЛИ ПО СКОПЈЕ, А НЕ КОГА ЌЕ БИДЕ ПУШТЕН МОСТОТ Арсовска вели дека се истражува кој го опожарил мостот „Беласица“
Тимови од надлежни институции излегле на терен и додека не се соберат сите докази, рече таа, и кога ќе биде сигурно дека нема да се загрози откривањето кој го сторил кривичното дело не смее да се постапува.
Иницијалното прашање е кој пали во градот Скопје и кој ги предизвикува сите овие хаотични ситуации, а не за колку време ние ќе го ставиме мостот во употреба, изјави градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
Во врска со мостот „Беласица“, кој по опожарувањето пред десетина дена е затворен за сообраќај, таа рече дека се прави дефокус и постојано се зборува за ставањето во функција на мостот, за да не се зборува, како што рече, кој го предизвикал пожарот.
– Две ситуации на мостови имавме за седум дена – по седум дена беа исечени и сите држачи на железничкиот мост во Влае – рече Арсовска во интервју за ТВ Телма.
Тимови од надлежни институции излегле на терен и додека не се соберат сите докази, рече таа, и кога ќе биде сигурно дека нема да се загрози откривањето кој го сторил кривичното дело не смее да се постапува.
– Не смееме да постапуваме дури и да сакаме. Зеленото светло го добивме пред неколку дена дека може да почнеме да постапуваме – рече Арсовска.
Посочи дека се ангажирани вешти лица и на терен се работи за да се докаже какво е оштетувањето, како што рече „ако воопшто го има“, и дека тоа не би требало да трае повеќе од 20 дена.
– Ако прелиминарните докази од анализите го дадат тоа што го очекуваме, тогаш мостот со ситна санација ќе биде пушен во употреба. Но само во оној момент кога ќе бидеме сигурни дека е безбеден за нашите граѓани – рече градоначалничката.
Тврдењата за голема оштетеност ги смета за несериозни зашто оценките биле дадени „од око и на далечина од 50 метри“ и тоа предизвикало вознемиреност во јавноста за безбедноста на мостот.
Градоначалничката Данела Арсовска демантира дека е празна буџетската каса на Град Скопје и изјави дека таквите тврдења се „политичка хајка на коалицијата СДСМ-ДПМНЕ“. Секој ден на сметката на Град Скопје, рече, пристигнуваат средства од давачките што ги плаќаат граѓаните и компаниите и врз основа на сѐ што е активен приход.
– Во подобра кондиција градот никогаш не бил. Имаме финансиска консолидација, нема долгувања, Град Скопје редовно исплаќа се она што пристигнува како побарувања, што значи не се генерираат нови долгови како оние што ги имаме – милиони и милиони евра заостанати долгувања што ги правеле претходниците па влегувале во судски постапки за сега градот да се обременува со милиони евра на долгови и милиони евра на камати по основ на побарувања од овие судски спорови. Нашиот кредитен рејтинг е потврден со позитивен изглед. Можноста за кредитно задолжување од 1,2 милиони евра сега ни е зголемен меѓу 25 и 30 милиони евра и тоа е континуирано во изминатите 12 месеци – рече Арсовска.
Taa не одговори дали се точни тврдењата дека побарувањата кон градот во моментов се 10 милиони евра и посочи дека не може да се предвиди во текот на оваа или идната година кои судски предмети од времето на нејзините претходници ќе достасаат и во чија корист ќе пресуди судот. Има судски постапки, рече, и од 2012 кои не се завршени.
– Поважно е што во овие 18 месеци ние не генерираме спорови, туку решаваме туѓи – рече градоначалничката.
На прашањето зошто вчера на седница на Советот го нарекла лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски „Рекет број 1“, одговори дека „нема потреба да ги образложува метафорите кога на два милиона граѓани тоа им е јасно“.
Со ВМРО-ДПМНЕ ги разделило тоа што таа имала став за принципиелно водење на главниот град и тоа не значи, рече, дека треба да биде „нечиј слеп послушник и слепо да слуша наредби“. Сака да работи во интерес на граѓаните и да ја спроведе програмата со речиси 300 проекти заради која тие ја изгласале, а таа е одговорна да ги реализира.
– Многу е тешко кога две најголеми политички партии се фокусирани да прават хаос во градот – рече Арсовска и додаде дека за разлика од нејзините претходници, таа ја нема зад себе владата т.е. централната власт за да ги „покрива буџетските дупки“.
Рече дека таа е за компромис, но дека „чекор треба да покаже и спротивната страна“, со конструктивност на советниците од сите партии и гласање во Советот на проектите што ги бараат граѓаните, а не со нивно саботирање.
Арсовска не смета дека треба да си даде оставка.
– Од мене оставка тие нема да видат, токму затоа што ја сакаат и ја бараат, затоа што јас сум во право, а тие не се – рече Арсовска.