ПРВИТЕ МАКЕДОНСКИ НАТО ОФИЦЕРИ Нашата прва постава во командите на Алијансата

654

Избрани се првите офицери од Армијата на Република Северна Македонија кои ќе работат во командите на Алијансата како НАТО офицери.

Потполковникот Ѓорѓи Василевски ќе биде штабен офицер за поддршка на операциите, хибридно војување и контратероризам, во одделот за планирање на операции во меѓународниот воен штаб во НАТО во Брисел, потполковникот Горан Стојановски – штабен офицер за стратегиски планови, образование и доктрини во Врховната команда на сојузничките сили (SHAPE), Монс, потполковник Никола Христовски, штабен офицер во одбранбеното планирање во Сојузната команда за трансформации/штабен елемент во Европа, Монс, а мајор Мијалче Митрев, штабен офицер за генерирање на сили во SHAPE.






Овие офицери низ конкурс и процедура беа избрани за пополнување на овие четири места во командните структури на Алијансата кои и припаѓаат на Северна Македонија како полноправна членка на НАТО.

Упатувајќи им честитки министерката Радмила Шекеринска денеска посочи дека станува збор за високи професионалци со над 20 годишно искуство во Армијата и школувања во одлични школи во САД, Канада, Италија и Естонија, и кои имале прилика да работат на различни нивоа и во различни делови од Армијата.

„Во изминативе четири години и во пресрет на членството во НАТО многу се посветивме на изградбата на кадар. Фокусот го ставивме на школувања, специјализирани обуки, како и на изучување пред се на англискиот јазик и интензивно тестирање за да бидеме сигурни во знаењето на нашите офицери и нивото на подготвеност целосно да комуницираат во меѓународна средина. И токму поради таа инвестиција, можеме да одговориме на високите побарувања од Алијансата“, истакна министерката.

Шекеринска додаде дека процесот на пополнување ќе продолжи и понатаму: веќе се во тек нови конкурси за седум позиции и се планира до 2023 година да бидат пополнети сите 20 позиции во командните структури на НАТО. На тој начин, рече министерката, целосно ќе го ставиме нашиот печат во Алијансата како 30-та полноправна членка.

Потполковникот Горан Стојановски, кој ќе замине на позиција штабен офицер за стратегиски планови, образование и доктрини во Врховната команда на сојузничките сили во Монс во Белгија, во име на сите избрани офицери порача дека овој избор за нив претставува голема чест, но и одговорност и дека ќе дадат сè од себе за да ја оправдаат дадената доверба и достоинствено да го претстават ликот на офицерот и старешината во Армијата на Република Северна Македонија и на државата.

– Ќе имаме можност да ги покажеме и нашите квалитети и капацитети, да се стекнеме со нови знаења и искуства, и најбитно е тие знаења и искуства кога ќе се вратиме назад во Република Северна Македонија да ги пренесеме на останатите колеги и на тој начин да придонесеме за подобар квалитет во Армијата – рече потполковникот Стојановски.

Поврзани содржини