ПРВИТЕ ЛУЃЕ МОРА ДА ИМААТ ОДГОВОРНОСТ ЗА 2% ДОВЕРБА ВО ПРАВОСУДСТВОТО Мицкоски очекува Советот на обвинители да ги послуша граѓаните за разрешувањето на Коцевски
Имајќи предвид дека граѓаните имаат историски најниска доверба во правосудниот систем, јас не очекувам дека Советот на јавни обвинители ќе биде заробеник на некои центри на моќ, а нема да го слуша гласот на граѓаните, рече премиерот Христијан Мицкоски во врска со владиниот прелог за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Очекувам Советот за јавни обвинители да го слушне гласот на граѓаните во врска со разрешувањето на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, рече премиерот Христијан Мицкоски.
На прашање за причините поради кои се бара разрешување, премиерот одговори дека причините ќе бидат образложени во Собранието.
– Ќе ги образложиме сите причини кога процедурата ќе биде во Парламентот. Јас не бил претпоставувал кое би било мислењето на Советот на јавни обвинители, имајќи предвид дека граѓаните имаат историски најниска доверба во правосудниот систем, јас не очекувам дека Советот ќе биде заробеник на некои центри на моќ, а нема да го слуша гласот на граѓаните. Доколку граѓаните велат дека довербата во правосудниот систем е 2 проценти, тогаш очекувам истите тие, кои што се платени со пари од граѓаните, да го слушнат нивниот глас и да донесат одлука каква што очекуваат граѓаните. Во спротивно, ќе мора Парламентот да дискутира и дебатира и тогаш ќе ги слушнете сите аргументи – рече премиерот Мицкоски.
Во врска со можната кривична одговорност на Коцевски за изнесување информации од судски постапки, како што беше наведено во предлогот на Министерството за правда, Мицкоски рече дека треба да се повикаат на Уставот.
– Тука треба да се повикаме на Уставот и за да констатираме каква било кривична одговорност, ќе треба правилно да го читаме Уставот и потоа да носиме заклучоци. Но, факт е дека граѓаните имаат најниска доверба во правосудниот систем и како таква ние мора да ја лоцираме. Не можеме да зборуваме во метафори, или да зборуваме дифузно, мора јасно да ја лоцираме одговорноста зошто е тоа така. Доколку првите луѓе немаат одговорност, не знам кој е тој што би требало да има – рече Мицкоски.
Владата на денешната седница го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. По завршување на владините процедури, предлогот ќе биде испратен до Советот за јавни обвинители од каде согласно законските рокови Советот треба да испрати мислење во рок од 15 дена. Ако Советот од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата рокот се продолжува за уште 15 дена. Доколку и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата. По добивање на мислењето од Советот, Владата го доставува предлогот за разрешување до Парламентот, кој ја носи конечната одлука.