Првите 20 кандидати за градоначалници од СДСМ ќе бидат познати на 13 јули
Досега има 562 кандидата за градоначалници и 4.530 кандидати за советници, вели генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.
Првите имиња на кандидати за градоначалници од редовите на СДСМ ќе бидат познати на 13 јули, брифираше денеска генералниот секретар на владејачката партија, Љупчо Николовски.
На брифингот со повеќе медиуми, Николовски посочи дека партијата завршила со истражувања, анкети и анализи за 20-тина општини, по што се очекува во наредните десетина дена да финишираат постапките во општинските органзиации, а потоа ќе следи и јавно објавување на кандидатите.
Објавата на првите 20-ина кандидати, како што информираше Николовски, е предвидена за 13 јули по одржување на седница на партиското раководство.
Николовски на брифингот посочи дека СДСМ води со 21,7 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ со 19 отсто, според анкета нарачана од партијата.
– Наши партнери во Владата се ДУИ и ДПА и очекувам на ниво на лидери да се случи средба на која ќе се дефинира принципот на соработка за локалните избори. На кој начин, во кој обем, во кои населени места, во кој круг и слично ќе зависи од договорот. Коалицијата на СДСМ е победник на изборите – порача Николовски.
Според него, досега има 562 кандидата за градоначалници и 4.530 кандидати за советници, а самиот број покажува дека овој голем интерес е поради тоа што СДСМ е фаворит на изборите.