ПРВИОТ СИНДИКАЛЕЦ НА М-НАВ ДОБИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА Платени денови наместо за синдикални активности ги искористил за одмор со својата партнерка
Правниот застапник на Македонска навигација (М-НАВ), адвокатот Горан Николовски денеска обелодени дека пријавата уследила по информација за одморот на Тасевски објавена од новинар.
Судот повторно го оцени како незаконски штрајкот на Синдикатот на контролори на летање (ССКЛ) што требаше да се одржи во октомври лани, а е поднесена и кривична пријава против претседателот на синдикатот Александар Тасевски за злоупотреба на службената должност, соопшти на денешната прес-конференција правниот застапник на Македонска навигација (М-НАВ), адвокатот Горан Николовски.
– Штрајкот е забранет поради три основи, односно барањето за штрајк не содржи никакви синдикални барања, односно барања за заштита на правата од работен однос, не е спроведена задолжителна постапка за помирување и последната констатација на судот е дека ССКЛ, како подружница, нема правен легитимитет самостојно да организира и да спроведува штрајкови -рече Николовски.
Тој информира дека поради најавите за нови штрајкови, М-НАВ поведе и посебна судска постапка со која бара утврдување дека ССКЛ генерално нема право самостојно да настапува и да организира вакви активности.
Ова барање, како што посочи адвокатот, се заснова на Законот за работни односи и на Статутот на Независниот синдикат за сообраќај и врски.
Во однос на кривичната пријава против претседателот на Независниот синдикат за сообраќај и врски и претседател на ССКЛ, Александар Тасевски, Николовски нагласи дека таа е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје поради злоупотреба на позицијата за остварување лични цели.
– Ја злоупотребил својата позиција и дал известување и барање за користење платени денови од работа, со најава дека ќе користи денови за синдикални активности и синдикални состаноци, а господинот заминал на приватна посета на Кипар заедно со својата љубовна партнерка – посочи Николовски.
Тој, рече дека информацијата за приватното патување на Тасевски, е добиена од медиумите.
– Заминал на приватна посета со својата љубовна партнерка. Неговата посета таму е констатирана од страна на новинар. И така е пренесена информацијата – појасни Николовски.
Нагласувајќи ја стратешката важност на институцијата која ја гарантира безбедноста на авиосообраќајот, адвокатот подвлече дека М-НАВ е должна да презема дејствија за заштита на својот капитал и на интересите на државата секогаш кога има основани информации, додека конечната одлука за иницирање кривична постапка ја носи исклучиво Јавното обвинителство.
На прес-конференцијата беше соопштено и дека е утврден идентитетот на вработено лице во М-НАВ кое открило деловни тајни кои подоцна биле објавени на порталот „Буревесник“.