ПРВА СТУДЕНА, ТЕШКА И ЗЛОКОБНА НОЌ ПОСЛЕ КАТАСТРОФАЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС Избројани повеќе од 3.600 загинати, а црната бројка уште ќе расте
Бројот на жртвите постојано расте, бидејќи илјадници луѓе се затрупани под урнатините на зградите. Светската здравствена организација соопшти дека очекува конечната бројка на жртвите да биде значително поголема.
Според најновите податоци од понеделникот доцна вечерта, повеќе од 3.600 луѓе загинале во земјотресот кој ноќта кон понеделникот го погоди југоистокот на Турција и четири провинции во соседна Сирија, во силниот потрес со магнитуда од 7,8 степени, неколку часа по кој се случи и кобниот со магнитуда 7,4 степени.
Бројот на жртвите постојано расте, бидејќи илјадници луѓе се затрупани под урнатините на зградите. Светската здравствена организација соопшти дека очекува конечната бројка на жртвите да биде значително поголема.
Спасувачките операции продолжија во ноќта. Температурите во некои области паднаа под нулата во текот на ноќта. Вчера паѓаше дожд, откако викендов земјата ја зафати снежно невреме.
Десетици илјади луѓе кои останаа без покрив над главата во Турција и во Сирија се соочија со студена ноќ. Во турскиот град Газиантеп, на околу 33 километри од епицентарот, луѓето се засолнија во трговски центри, на стадиони и во социјални центри. Џамиите во регионот беа отворени за да се обезбеди засолниште за унесреќените.
Во Сирија има речиси 1.300 загинати, соопштија и спасувачките екипи. Во провинциите Алепо, Латакија, Хама и Тартус загинале 656 лица, а 1.419 се повредени. Овие податоци не се конечни, соопшти сириското министерство за здравство
Во Турција се избројани 2.316 загинати и 13.293 повредени лица. Бројот на уништените објекти е 6.217.
Според турските власти, после првиот потрес во регионот се регистрирани 147 последователни потреси, од кои десетина со магнитуди меѓу 6 и 7 степени. Сеизмолозите велат дека смирувањето на почвата ќе трае можеби и повеќе од еден месец, а може да се очекуваат и посилни афтершокови.
Првиот удар со магнитуда 7,8 е регистриран во 4,17 часот по локално време (2,17 по македонско), во округот Пазарчик, во југоисточната покраина Кахраманмараш, околу 60 километри воздушна линија од сириската граница. Следеа десетици послаби потреси, а во 13,24 по локално односно 11,24 часот по македонско време, се случи уште еден многу силен потрес со магнитуда 7,4, повторно на југоистокот на Турција, 4 километри југоисточно од градот Екинозу.
Од потресот силни оштетувања и бројни жртви има и во соседните сириски провинции Алепо, Латакија, Хама и Тартус.
Ова е втор најголем земјотрес во Турција од 1999 година, кога земјотрес со слична јачина го уништи пренаселениот источен регион на Мраморното Море во близина на Истанбул, при што загинаа над 17.000 жители.
ЗОШТО ТОЛКУ МНОГУ ЖРТВИ И РАЗУРНУВАЊА?
Земјотресот предизвика такво уништување делумно поради неговата моќ – тоа е најсилниот земјотрес што ја погодил Турција од 1939 година – но и поради тоа што погоди населен регион, пишува Дојче Веле.
Друга причина е што потресот се случи во 4.17 часот, а заспаните луѓе беа заробени во моментот кога нивните куќи се урнаа, изјави за АФП Роџер Мусон, почесен соработник за истражување во Британскиот геолошки институт.
Конструкцијата на зградите, исто така, не е „навистина адекватна за област која е подложна на големи земјотреси“, вели авторот на книгата „Милиони смртни земјотреси“.