ПРВА ЕМИСИЈА НА ЗЕЛЕНИ ОБВРЗНИЦИ Кој може да учествува и колкава камата ќе добие?

Обврзниците од оваа емисија се со рок на доспевање од 2 години, односно ќе доспеат на 5 октомври 2025 година. Каматата ќе биде исплатена на 5 октомври 2024 година за првата година и на 5 октомври 2025 година за втората година, заедно со главницата. 

191

Министерството за финансии денеска го објави Проспeктот за првата емисија на зелени обврзници, на износ од 10 милиони евра.

Аукцијата  на оваа обврзница ќе се одржи на 3 октомври, а на неа можат да учествуваат граѓани и правни лица.






-Граѓаните и правните лица кои се заинтересирани да учествуваат на аукцијата може да поднесат барање за учество преку банките. Сите заинтересирани за учество на аукцијата и запишување на зелени обврзници може да поднесат барање заклучно до понеделник, 2 октомври 2023 година – информира Министерството за финансии.

Зелената обврзница нуди каматна стапка од 4,75% годишно.

Обврзниците од оваа емисија се со рок на доспевање од 2 години, односно ќе доспеат на 5 октомври 2025 година. Каматата ќе биде исплатена на 5 октомври 2024 година за првата година и на 5 октомври 2025 година за втората година, заедно со главницата.

Зелените обврзници се хартии од вредност кои ќе се користат за инвестициски проекти за зелен развој. Наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и финансирање еколошки проекти.

Министерството за финансии соопшти дека целта на воведување на овој инструмент е развивање на пазарот на капитал во земјата, како и инвестициската активност која ќе придонесе за забрзување на економскиот раст.

Парите  од оваа аукција ќе бидат насочени кон воспоставениот Фонд за енергетска ефикасност во рамки на Развојната банка, од каде што на компаниите ќе им се нудат поволни лредити за реализација на проекти кои значат заштита на животната средина.

Од Министерството за финансии истакнуваат дека зелената обврзница на пазарот на хартии од вредност доаѓа по успешното воведување на граѓанската обврзница, за која беше објавена првата емисија во текот на јули годинава и на која беше пројавен интерес два и пол пати поголем од објавениот износ на проспектот на обврзницата.

МФ најавува дека согласно со Стратегијата за развој на пазарот на капитал и Планот за забрзан економски раст покрај овие два инструмента, на пазарот во наредниот период ќе бидат понудени и проекти обврзници и развојни обврзници, кои се насочени кон разојни проекти и проекти поврзани со инфраструктурата. Дополнително, по издавање на зелената обврзница ќе се издаде и втората граѓанска обврзница.

 

Поврзани содржини