ПРВ ПАТ ПО 60 ГОДИНИ ПОЧНА ДА СЕ ЧИСТИ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ Водата е катастрофална, езерото умира
Работиме на ревитализација на езерото „Младост“ со цел подобрување на квалитетот на водата и дополнување на акумулацијата со свежа вода“ – напиша ресорниот министер Трипуновски.
За прв пат по 60 години ќе се чисти вештачкото езеро „Младост“ во близина на Велес, чии води се токсични поради недостиг на кислород, атрофирање на водната флора и недоволен прилив на свежа вода,
Ресорниот министер Цветан Трипуновски во објава на Фејсбук информира дека за ревитализација на езерото „Младост“ обезбедени се 6.000.000 денари од Програмата за водостопанство.
„Согласно планираните активности, во тек е фаза на механичко отстранување на сувите наслаги и трската од крајбрежниот појас на езерото „Младост“, во соработка помеѓу АД „Водостопанство“ и ЈПВ „Лисиче“ – Велес, со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Работиме на ревитализација на езерото „Младост“, со цел подобрување на квалитетот на водата и дополнување на акумулацијата со свежа вода“ – напиша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својот профил на Фејсбук.
Центарот за јавно здравје летоска, на почетокот на јуни, донесе забрането за секаков вид употреба на водите од езерото„Младост“ – за наводнување, капење и рекреација, поради екстремно лошиот квалитет.
Во последните години квалитетот на водата во езерото „Младост“ се оценува како „алармантен“, при што анализите укажуваат на сериозно загадување на површинските води во езерото. Истражувањата на Хидробиолошкиот завод од Охрид покажуваат дека водата често има нарушени параметри и дека се развива пролиферација на модрозелени алги (цијанобактерии), што претставува ризик за здравјето при директен контакт или употреба на водата за рекреација. Ова влошување на квалитетот беше забележано уште во текот на 2024 година и е причина за зголемено внимание на стручните служби и локалната власт за потреба од мерки за подобрување и прочистување.
Посебна комисија препорача серија мерки за подобрување на состојбата: да се исчисти коритото на Отовичка река, да се отстрануваат наслагите, да се прават бушотини кај Рудничка Река, со цел да се дојде до свежа вода, која треба да се донесе во Велешко, како краткорочна и најбрза мерка за дотур на вода, да се реконструира колекторскиот систем и шахтите, со цел да се спречи понатамошно загадување на езерото „Младост“. Потенцирано е дека е неопходно и довршување на цевководот од езеро „Лисиче“ до езеро „Младост“ во должина од околу 6 километри.