ПРУСТОВОТО РЕМЕК-ДЕЛО КОНЕЧНО Е ЦЕЛОСНО ПРЕВЕДЕНО НА МАКЕДОНСКИ Се одржа промоцијата на вториот том од „Пронајденото време“ во превод на Ѓорѓи Марјановиќ
Раскошната лексика, суптилните наративни стратегии, бравурозната раскажувачка синтакса, океанските мисловни хоризонти и високите естетски дострели на Пруст, благодарение на преведувачките заложби на Марјановиќ, денес им се достапни на македонските читатели, посочи деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски.
Во рамки на манифестацијата „Денови на Франкофонијата“ беше промовиран вториот том од романот „Пронајденото време“, последен дел од капиталното дело „Во потрага по загубеното време“ на францускиот писател Марсел Пруст, во превод на македонски јазик од проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ (1939–2022).
Промоцијата ја организираа Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и при Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“. На промоцијата беа собрани претставници на академијата и културата во чест на заокружувањето на еден од најзначајните преведувачки подвизи во македонската книжевна историја.
– Со објавување и со промовирање на вториот том од романот „Пронајденото време” од романескниот циклус „Во потрага по загубеното време” од Марсел Пруст се заокружува еден од најобемните и најзначајните преведувачки подвизи во македонската културна средина, долгогодишниот сон на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, кој како редок библиофил, пасиониран љубител и познавач на француската литература, со огромен ентузијазам и со творечка возбуда го вложи своето кондензирано и духовно исполнето „пронајдено” време, преведувајќи го едно од најзначајните капитални прозни дела на 20 век – рече деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски.
Според него, раскошната лексика, суптилните наративни стратегии, бравурозната раскажувачка синтакса, океанските мисловни хоризонти и високите естетски дострели на Пруст, благодарение на преведувачките заложби на Марјановиќ, денес им се достапни на македонските читатели.
„Посебно се радуваме што овој настан од огромно значење и за француската и за македонската литература и култура се одвива во рамки на манифестацијата ‘Денови на франкофонијата на Филолошкиот факултет Блаже Конески – Скопје’, во соорганизација на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и Катедрата за романски јазици и книжевности“, велат од Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“.
Синот на професорот и директор на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, Александар Марјановиќ, со емотивен говор ја истакна човечката и духовната димензија на делото.
– Оваа промоција не е само културен настан, туку таа е исполнување на сонот на мојот татко. Речиси 15 години, со тивка упорност, работеше на овој превод, далеку од јавноста, но блиску до вечните вредности на книжевноста. Во негова чест, сите средства од продажбата на книгата ќе бидат наменети за поддршка на образованието на деца без родители. Тоа е најдобриот начин да му се оддаде почит – со дело што ќе продолжи да живее и да помага – рече Александар Марјановиќ.
За книжевната и филолошката вредност на преводот говореа и проф. д-р Ирина Бабамова и проф. д-р Елисавета Поповска, додека со настанот модерираше проф. д-р Јоана Хаџи-Лега Христоска. Со оваа промоција, македонската култура доби не само уште еден врвен превод на светска класика, туку и жив доказ дека трудот и визијата на еден човек можат да остават трајна духовна трага.