Пругата кај Романовце е целосно заменета по несреќата и од утре ќе биде во функција
Отстранети се 12-те вагони кои беа превртени и направена е пругата во должина од 250 метри, поставени се нови прагови и шини.
Утре ќе биде ставена во функција делницата на македонски железници во кумановско Романовце, дел од коридорот 10, откако екипите на Железници Транспорт и Инфраструктура работеа изминативе празнични денови, информираа денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура-Железници Хари Локвенец.
Отстранети се 12-те вагони кои беа превртени и направена е пругата во должина од 250 метри, поставени се нови прагови и шини.
– Околу педесетина луѓе овде работат деноноќно со цел што побрзо пругата да се стави во функција. Сакам да се заблагодарам јавно на сите вработени и сите останати што се вклучија и помогнаа во оваа работна акција која се одвиваше во изминативе неколку денови, за време на Велигденските празници но и во време на Ифтар. Нашите очекувања се дека веќе од утре ќе се направат сите припреми да се врати во нормална работа оваа делница – изјави Бочварски.
Локвенец информира дека комисијата за вонредни услови ќе го достави извештајот за причините за несреќата.
– Од композиција со дваесет вагони дури дванаесет беа превртени, но во овој момент сме кон крајот со реконструкција на овој дел од пругата. Во овие неколку празнични денови со ударна сила покажавме дека можеме да направиме подвиг. Саниравме 250 метри целосно нова пруга и Јавното претпријатие потврди дека може да работи и во кризни услови но и докажа дека има капацитет да ја заврши работата во рекорден рок -рече Локвенец.
Несреќата се случи минатата недела кога товарниот воз 34702 кој се движеше на релација кон Куманово се излизга од шините. Притоа се превртеа 12 вагони и беше уништена пруга во должина од 250 метри.