ПРУГА ИМАМЕ, ЖЕЛБА ИМАМЕ, А ШИНОБУС ЗОШТО НЕМАМЕ? Од Волково, преку Бардовци и Бутел, па сѐ до Железничка – скопјани бараат алтернативен градски превоз
Поранешниот градоначалник на Скопје, Јове Кекеновски за Плусинфо изјави дека враќањето на шинобусите во функција, но и општо воведувањето на железничка поврзаност на некои делови од градот со центарот ќе биде од големо значење, како за растеретување на сообраќајниот метеж, така и за скопјани кои ќе имаат плус алтернативно превозно средство за користење.
84-годишниот дедо Добре од скопската населба Даме Груев многу добро се сеќава на времето кога во Скопје се користеле пругите за градски превоз.
Како што раскажува, тој заедно со својот татко секоја недела го чекал шинобусот на железничката станица под надвозникот што ги дели населбите Даме Груев и Ѓорче Петров.
– Јас бев дете, ама многу добро се сеќавам дека користевме шинобус за да стигнеме до центарот на градот или да завршиме некоја обврска на пазар. Првата почетна станица на шинобусот беше железничката станица во Волково, а потоа застануваше кај денешно Ново Село, па доаѓаше кај нас во Даме Груев. Нашата станица беше втора по ред и се наоѓаше веднаш под надвозникот. Шинобусот ќе дојдеше, ќе свирнеше, а ние ќе си влезевме. И секој ден се знаеше кога треба да дојде шинобусот, тоа беше многу убава работа – раскажува дедо Добре.
Тој се присетува на рутата по која се движел шинобусот.
– Зборуваме за периодот пред 1963 година, односно пред да се случи големиот земјотрес. Тогаш постоеше само старата железничка станица и релацијата на шинобусот беше Волково-Железничка. Откако ние ќе се качевме во Даме Груев, возот продолжуваше во Бардовци, па Визбегово, па Бутел, Гази Баба, Автокоманда, Центар. Шинобусот се движеше прилично бавно, оти, нели, се движи низ населени места, ама нам многу ни вршеше работа. Населбите како Даме Груев и Волково во тоа време воопшто не се ни сметаа како дел од Скопје. Беше жива пустелија, не беше како сега. Да не беше шинобусот, не знам што би правеле. Треба повторно да го активираат – вели нашиот соговорник.
Во разговор и со други повозрасни жители на Скопје, тие со нас ги споделија своите спомени од детството, но и оние кои го користеле шинобусот, како што велат во периодот од 1990 до 2000 година, кој поврзувал повеќе населени места со центарот на градот за да стигнат до своите работни места.
– Јас живеам во населбата Железара и тоа веднаш до пругата. Имавме доста бурно детство на таа пруга. Тука имаше и станица на којашто застануваше возот на релација Скопје-Кичево. Идејата за враќање на шинобусите е добра и сме ја дискутирале одамна, но јас лично сметам дека потребна е и санација на делови на пругата, затоа што некои места од потегот кај Автокоманда па до станица Север кон Бутел е доста навалена и сите дрвени прагови се стари и скапани. Со рака да ги фатиш се рони дрвото – ни објасни скопјанецот Коста.
Некои од нашите соговорници велат дека идејата за враќање на шинобусите во Скопје ќе биде од голема полза за сите оние кои живеат во делови од градот кои се сметаат за периферија.
– Имаше и т.н. шинобуси кои редовно сообраќаа со периферијата на Скопје и подалечните села. Сега, сѐ е напуштено и го нема. Пругите се мизерни, возовите стари и амортизирани, властите се неспособни да го поврзат Скопје со Битола и Гевгелија, а не, пак, со околните населби и села. Жално, а би било ептен корисно – ни вели Борче.
Владо се потсети на времето кога го користел шинобусот како превозно средство и вели дека повторно би требало да се активира таа идеја за тој превоз на патници, а со тоа би се растеретил и градскиот превоз.
Сепак, тој смета дека денешните власти немаат чувство за ваков превоз на патници, па дури и некој да им даде ваков предлог, веднаш ќе најдат некој изговор дека немаат во план нема такво нешто или дека немаат финансии.
Во Европа шинскиот сообраќај е основа на јавниот превоз, бидејќи повеќето градови се поврзани со метроа кои возат над и под земја, но како што велат скопјани кај нас и тоа што функционираше, сега е уништено.
– Пред 45 години железничкиот превоз беше супер. Имаше доволно возови и имаше можност да завериш слободна месечна карта. Средношколците од Велес, Зелениково, Орешани, дел од Драчево и Горно Лисиче патуваа со воз, вагоните беа преполни. Доколку државата се потруди да ги поправи пругите и да инвестира во МЖ има можност да се растерети сообраќајот во Скопје – ни рече Васка.
Поранешниот градоначалник на Скопје, Јове Кекеновски за Плусинфо изјави дека враќањето на шинобусите во функција, но и општо воведувањето на железничка поврзаност на некои делови од градот со центарот ќе биде од големо значење, како за растеретување на сообраќајниот метеж, така и за скопјани кои ќе имаат плус алтернативно превозно средство за користење.
Се сеќавам дека на времето имаше шинобуси и граѓаните го користеа. Користењето на железницата многу ќе го олесни сообраќајот, иако не функционира во моментов, сметам дека многу лесно може да се реализира.
– Се сеќавам дека на времето имаше шинобуси и граѓаните ги користеа. Користењето на железницата многу ќе го олесни сообраќајот, иако не функционира во моментов, сметам дека многу лесно може да се реализира, бидејќи пругите постојат, па жителите од делот на Илинден, Маџари, па од другата страна Зелениково, Драчево преку центарот да се поврзат со Бутел, Даме Груев, Волково и горе до Ѓорче Петров. Сметам дека оваа идеја Градот Скопје, доколку се договори со Македонски железници може многу добро да го искористат и двете страни, а со тоа да им помогнат и на скопјани – ни рече Кекеновски кој додаде дека дава целосна поддршка на сите оние кои би одлучиле да реализираат ваква идеја.
Од Градската иницијатива „На Точак“ за Плусинфо велат дека воведувањето на железнички сообраќај во Град Скопје ќе биде во корист на сите, дури тие со нас споделија дека со претходната градска власт имале направено експеримент како од едно до друго населено место во Скопје може да се комбинира возот и велосипедот како превозно средство.
„Комбинирањето на велосипедскиот со јавниот превоз има предности и за: јавниот превоз (ќе ја зголеми достапноста до автобусите/возовите), во полза е и на велосипедскиот превоз (ќе ги продолжи прифатливите дистанци), на животната средина (ќе се намалат штетните емисии поради зголемување на привлечноста на овие 2 превозни средства наспроти автомобилите), на туризмот (ќе ја зголеми понудата за дестинации за туристите)“, пишува во нивното истражување.
Тие истражувањето го направиле во 2018 година со поддршка на Град Скопје и Македонски железници, а го реализирале заедно со помош на „Прв до врв“ при што со велосипеди се качиле на станицата во Лисиче и стигнале до крајната цел, а тоа е населбата Ѓорче Петров.
„Целта на овој експеримент или екскурзија беше да испитаме: во какви услови се дел од скопските железнички станици, какви се условите во возовите за пренос на точаци и дали е возможно да постои скопска железница на постоечката железничка инфраструктура. Она што го сретнавме има многу голем неискористен потенцијал, но има уште многу за работа да се доведе во пристојна и употреблива форма. Времето потребно да се стигне од Лисиче до Транспортен Центар (4 минути) и од Транспортен Центар до Ѓорче Петров (13 минути) дури и во постојните инфраструктурни услови е зачудувачки кратко. Но условите во кои сообраќаат возовите се далеку од доволни за да постои градска железница која би ги услужила сите граѓани“, пишуваат од „На Точак“.
Членовите на оваа иницијатива при експериментот утврдиле дека има 11 градски станици. Запад – Сарај (лоцирана во Ѓорче 2), Ѓорче и Волково; Север – Скопје Север и Железара; Центар – Транспортен Центар, Североисток – Ќерамидница; Маџари и Илинден; Југоисток – Лисиче и Драчево.
„Можно е Скопје да добие супер градска железница, но потребни се проценки, студии, вложувања и секако политичка волја за давање приоритет на јавниот транспорт. Точаците се тука да го дополнат и направат уште попривлечен. Се надеваме дека од страна на Град Скопје и Македонски железници ќе се даде поголемо внимание на железничкиот превоз и на национално и на локално ниво, а попатно со тоа ќе се размислува и за интеграција со велосипедскиот превоз“, стои во заклучокот од експериментот на „На Точак“.
Уште пред неколку дена се обидовме да стапиме во контакт со градските власти, Министерството за транспорт и Македонски железници, дали можеби во моментов или во блиска иднина се размислува за вклучување на железничкиот сообраќај како дел од јавниот превоз во Градот Скопје, но за жал, до објавувањето на овој текст, одговор не добивме од ниту една институција.
