ПРОВОКАЦИИ НЕМА ДА ПОМИНАТ КАЈ КУМАНОВЦИ Димитриевски вели дека бугарски клуб може во Куманово, но со соодветно име
И Џамбаски и кој било друг што нема да ја почитува земјата, што ќе ја негира Македонија во центарот на Скопје да ми кажуваат дека Бугарија е од Црно море до Охридско езеро, дека Македонците не постојат, дека сме вештачка творба, ако го сторат тоа сега треба да им се забрани понатамошен влез во Македонија, вели Димитриевски.
Куманово е мултикултурен град на толерантни луѓе, вели првиот човек на Куманово, Максим Димитриевски во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 за најавите за отворање уште еден бугарски клуб овојпат во Куманово.
– Кај нас сите се добредојдени ако сте добронамерни. Ако има обид да се отвори бугарски клуб со несоодветно име ќе ги повикаме официјалните, државните служби да реагираат. Ако тоа не се случи, никој не може да ги спречи кумановци да се самоорганизираат – вели Димитриевски.
Во „Студио 10″, градоначалникот Димитриевски информираше дека на 4 февруари ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев.
– Да, веќе континуирано откако сум градоначалник во име на мојата општина, на 4 февруари полагам цвеќе на гробот на Гоце Делчев. И годинава сме пријавени и очекувам одобрување. Апелирам до граѓаните на достоинствен начин да го испочитуваме ликот и делото на Делчев. Исто така, апелирам до оние кои ќе дојдат од Бугарија да покажат достоинство оти доаѓаат да почитуваат еден голем револуционерен лик. Не смееме да забрануваме некој да влезе во земјата, но полицијата и безбедносните служби треба да ги детектира личностите кои сакаат да направат проблем и тоа да го решат со време – Максим Димитриевски.
Димитриевски потенцираше дека Македонија треба да се најде во ЕУ, а Европа треба да најде начин да си ги дисциплинира државите членки да не ја злоупотребуваат својата позиција бидејќи, последниот пример со Бугарија кажува дека јазикот или Уставот не е проблемот.
– И Џамбаски и кој било друг што нема да ја почитува земјата, што ќе ја негира Македонија во центарот на Скопје да ми кажуваат дека Бугарија е од Црно море до Охридско езеро, дека Македонците не постојат, дека сме вештачка творба, ако го сторат тоа сега треба да им се забрани понатамошен влез во Македонија – вели Димитриевски.
Тоа што го кажа Османи во Бугарија повлекува барање за оставка, вели Димитриевски за изјавата на министерот за надворешни работи со која рече дека повеќе ѝ верува на една странка во случајот отколку на органите на законот и правдата.
– Македонија е демонтирана држава, службите се демонтирани. Денес нема кој да соработува со службите во заштита на државата, а тоа не е срамно, затоа што луѓе беа лустрирани затоа што работеле за Македонија – вели градоначалникот на Куманово додавајќи дека државата станува се послаба.