ПРОВОКАЦИЈА ИЛИ НЕПРОФЕСИОНАЛЕН ЧИН Реакции по судирот на рускиот воен авион со американскиот дрон
Британскиот министер за одбрана Бен Валас ја повика Москва да го почитува меѓународниот воздушен простор.
Москва смета дека инцидентот со руски борбен авион „Су-27“ и американско воено беспилотно летало над Црното Море е провокација, соопштија ноќеска руските државни медиуми, повикувајќи се на изјавата на амбасадорот на Русија во Вашингтон, Анатолиј Антонов,
– Овој инцидент го сметаме за провокација – рече Антонов откако беше повикан од американскиот Стејт департмент.
„Американски воен дрон „MQ-9“ се урна вчера попладне во Црното Море откако руски авион „Су-27“ го погоди неговиот пропелер“, соопшти Пентагон, што е прв ваков инцидент по руската инвазија врз Украина од пред повеќе од една година.
Русија негираше каков било контакт и рече дека дронот се урнал по „остар маневар“.
Руските медиуми пренесоа дека Антонов изјави дека неговата средба во Стејт департментот била „конструктивна“ и дека не е отворено прашањето за можни „последици“ за Москва по иницидентот.
– Што се однесува до нас, ние не сакаме каква било конфронтација меѓу САД и Русија. Ние сме за градење прагматични односи за доброто на рускиот и американскиот народ – рече Антонов.
Инцидентот предизвика рекација и од повеќе земји. Британскиот министер за одбрана Бен Валас ја повика Москва да го почитува меѓународниот воздушен простор.
– Клучната работа овде е дека сите вклучени страни треба да го почитуваат меѓународниот воздушен простор и ги повикуваме Русите да го сторат тоа- изјави Валас за Ројтерс на саемот за одбрана DSEI од Токио.
Валас додаде дека „Американците сметаат дека станува збор за непрофесионален чин“.
Вчерашниот инцидент над Црно Море е првиот физички контакт меѓу руски борбен авион и американски воен дрон од почетокот на војната во Украина пред повеќе од една година.