ПРОВЕРКАТА НА КВАЛИТЕТОТ НА ГОРИВАТА СЕ СВЕДУВА НА 2 ЧАСА Лабораторијата на Бирото за метрологија се акредитира и за мазут
Лабораторијата е опремена со автоматизирана опрема со 7 мерни инструменти и екипирана е со стручен кадар обучен за тестирање на повеќе од 10 параметри на мазутот. Опремувањето чини 24 милиони денари.
За проверка на квалитетот на течните горива во земјава отсега ќе бидат потребни два часа наместо досегашните три дена. Испитувањата ќе се прават во лабораторијата која работи во рамки на Бирото за метрологија.
Лабораторијата е опремена со автоматизирана опрема со 7 мерни инструменти и екипирана е со стручен кадар обучен за тестирање на повеќе од 10 параметри на мазутот. Опремувањето чини 24 милиони денари.
Со ова, според надлежните, резултатите од анализите ќе се добиваат во кус временски период и во промет ќе се пуштаат само горива со проверен квалитет.
Од Бирото за метрологија, каде функционира новата лабораторија, најавуваат дека во најскоро време ќе почнат и со постапка за проширување на акредитацијата.
– Со цел да се гарантира резултатот од анализите на квалитетот на мазутот, Бирото за метрологија, во најскоро време отпочнува со постапка за проширување на акредитацијата, во делот на тестирање на мазут, па заедно со мобилната лабораторија, во која од јануари 2020 година се врши тестирање на квалитетот на бензинот и дизелот, Бирото за метрологија ќе може да пружи комплетна услуга-тестирање на повеќе од 25 карактеристики, односно параметри на нафтата и нафтените деривати – изјави директорката на Бирото, Мерита Мустафаи.
Од Министерството за економија и од Пазарниот инспекторат уверуваат дека нафтените деривати што се пуштени во промет во земјава се согласно прописите и дека се што е пронајдено на царина и во складовите со несоодветен квалитет, не е пуштено во внатрешен промет. Тврдат дека цистерите во кои пред повеќе од година беше утврдено дека има надминување на параметрите за вода и пепел не се влезени во земјава, а вратен е и сомнителниот мазут пронајден во складовите.