„Проверката на факти“ беше цензура – да не се повтори!
Мала победа за слободата на говорот во едно време - невреме, кога слободата е загрозена и на сите меридијани, но и во дигиталниот простор.
„Проверката на факти“ беше неуспешен, грд и злокобен обид да се сокрие тоа што овие „структури“ го правеа, а тоа беше соголена, брутална и политизирана – цензура!
Најдобар лек против дезинформациите се слободата на говорот, отворената дебата и непречениот пристап на јавноста до сите гласови, гласини и шумолења.
Доказ дека една идеја, политичка, културна или каква било, е во залез е токму поривот за цензура.
Сите овие изминати години, за жал, социјалните мрежи ставија субјективни филтри, олицетворени во „проверувачите на факти“, како глобално, така и во Македонија.
Се доведовме во апсурдна ситуација и колумни, што ќе рече мислења, да бидат предмет на „проверка“. Ова е срамен крај за некои иницијативи кои што беа испилени со мисија да се борат за проширување на хоризонтите на слободата, а наместо тоа се претворија во официјални тела на цензурата.
Во Македонија, како и во секоја пост-комунистичка земја, сме премногу цинични кога станува збор за слободата на говорот, но и доволно свесни, обучени и способни „да читаме меѓу редови“.
Не сум сигурен дека борбата за слобода на говорот е извојувана, а таа никогаш нема ни конечен крај. Секогаш ќе има некој центар на моќ кој што ќе сака да ја засили својата информација, да ја потисне непријатната вистина и да востоличи само еден канал на комуникација.
Но, редно е да се прослави крајот на оваа срамна епизода на „проверка на факти“, којашто беше најсериозна закана за слободата на говорот во дигиталната епоха и најзначајната институција за цензура на интернет.
Мала победа за слободата на говорот во едно време – невреме, кога слободата е загрозена и на сите меридијани, но и во дигиталниот простор.
(Фејсбук пост на авторот. Насловот е редакциски)