Протоколот со Бугарија сега е во рацете на Уставeн суд – барам да го прогласи за ништовен!
Протоколот не е полноправен акт, потврден од парламентот, туку е само записник од состанок на меѓувладина комисија. Како правно ништовен документ, Протоколот не смее да наметнува штетни дејствија диктирани од соседна земја, ниту на Македонија да и задава крајно непринципиелни и понижувачки обврски, кои задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет.
Како што најавив пред извесно време во истиов медиум, ја поднесов до Уставен суд Иницијативата за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17.07.2022 година во Софија (во натамошниот текст: Протоколот). Протоколот е правен акт потпишан од министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Предлагам донесување ОДЛУКА ЗА НЕГОВА НИШТОВНОСТ. поради прекршување на 14 членови од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, 2 члена од Законот за надворешни работи и 3 члена од Уставот. Меѓу прекршените членови од Уставот е и членот 8 за темелните вредности на уставниот поредок, во делот за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Протоколот ја нема поминато легалната процедура за негово договарање, усвојување од страна на Владата, потпишување, собраниска ратификација и објава во Службен весник. Протоколот НЕ Е ПОЛНОПРАВЕН АКТ потврден од парламентот, туку е само ЗАПИСНИК од состанок на меѓувладина комисија. Како правно ништовен документ, Протоколот не смее да наметнува штетни дејствија диктирани од соседна земја, ниту на Македонија да и задава крајно непринципиелни и понижувачки обврски, кои задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет.
Ценам дека Протоколот не е правно валиден документ поради најмалку 7 правни прекршувања:
- Прво, не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување.
Протоколот е договорен нетранспарентно, во целосна тајност, без информирање и увид на стручната и на пошироката јавност, иако ги засега сите граѓани и државата во целост. Не е испочитувана законската процедура од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори (1998), за дефинирање основа за преговори со црвени линии одобрени од Влада, за известување на Владата за отстапувањата од зададеното (кои очигледно биле големи), се до одобрение за нова преговарачка позиција и конечно одобрение за потпишување.
Според достапните податоци, нема формално владино овластување за преговарачите, ни владина одлука или комуникација со Владата, во која би имало објаснување како се случило ниедно наше суштинско барање да не биде прифатено, а сите и најрадикални барања на Бугарија да поминат. Со вака донесениот протокол, всушност, органите на управата самите си презеле нови обврски за државата, спротивно на Уставот и законите.
- Второ, не е ратификуван во македонското Собрание.
За да биде важечки еден протокол за спроведување на меѓународен договор, тој треба да помине ратификација во Собранието, преку носење Закон за ратификација на протоколот од соодветниот договор, со разгледување на собраниската Комисија за надворешни работи и на пленарна седница на Собранието. Оваа процедура е во склад со Виенската конвенција (1969) како генерална рамка за меѓународното право и со македонската легислатива: Уставот, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори (1998) и Деловникот на Собранието.
Споредбено, бугарската собраниска Комисија за надворешни работи го добила текстот на Протоколот и дискутирала по него уште на 23.6.2022, а по прекинот на седницата, бугарското собрание на пленарна седница на 24.6.2022 го усвоило целиот пакет од Францускиот предлог за почеток на преговорите со Македонија, сосе имплицитно вградениот Протокол. Тоа е истиот акт, што е донесен од меѓувладината комисија и потпишан од министрите за надворешни работи, речиси еден месец подоцна, на 17.07.2022!
- Трето, не е објавен во „Службен весник“.
Протоколот како официјален документ не е најден како објава, ниту од страна на Владата, ниту од страна на Министерството за надворешни работи, иако е тоа уставна обврска, што го прави неважечки.
Иако е неофицијален документ, се реферира на него: имплицитно во Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 и во Заклучоците на Информацијата за содржината на Француската рамка, усвоена во македонското Собрание на 16.07.2022; како и експлицитно во Заклучоците на Советот на ЕУ од 18.07.2022 и во Изјавата за одржувањето на првата Меѓувладина конференција од 19.07.2022. Дополнително, Протоколот е разгледуван и на Комисијата за надворешна политика во бугарското собрание на 23.06.2022, а усвоен како дел на Француската рамка на пленарна седница на 24.06.2022. Како куриозитет, дури три документи со вграден текст за Протоколот се усвоени ПРЕД да биде воопшто одржан состанокот на Заедничката меѓувладина комисија и потпишан самиот Протокол, на 17.07.2022. (hic!)
- Четврто, несоодветна е формата и содржината.
Протоколот е компилација од протокол на меѓународен договор за пријателство и соработка со преамбула; записник од работен состанок на избрани и именувани функционери со извештај за спроведената соработка на теми од повеќе ресорни министерства (од земјоделие, транспорт, туризам, се до здравство и „изнајмување мобилен мамограф“); и акциски план за идни активности на македонската држава, односно бугарски диктат за обврските на нашата држава како предуслов за подигање на бугарското вето за почеток и крај на преговорите со Европската Унија.
Уставот упатува на следење на меѓународните стандарди, а во Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори има детален опис на процедурата на преговарање, со потребната содржина на договорот што се преговара. Во законот е одредено дека истите постапки за склучување меѓународен договор, се однесуваат и на договори на меѓувладини конференции. Содржината, пак, на Протоколот е сосем несоодветна, со наметнување обврски кои водат кон идентитетски инженеринг и денационализација, спротивно на меѓународните и домашните стандарди за меѓудржавно општење.
- Петто, излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден (1) член од Договор помеѓу две земји.
Со својата содржина Протоколот излегува не само надвор од опфатот на подзаконски акт, од опфатот на потпишаниот договор меѓу двете земји, туку и од конвенциите на Обединетите нации за регулирање на меѓународните односи. Подзаконски акт нема правна сила да наметнува измена на преамбулата на Уставот, на целото важечко законодавство, како и на идентитетските обележја на еден народ и држава! Дополнително, ова е во спротивност со меѓународните принципи за државна сувереност во таквите одлуки.
Со Протоколот се создаваат нови обврски за Македонија, надвор од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Според практиката на меѓународното право, протокол е меѓународен договор со кој се менува или дополнува постоечки договор, се воспоставуваат процедури или додаваат обврски на веќе постоен договор. Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија ги има сите карактеристики на нов договор, а не записник од состанок на Заедничката меѓувладина комисија согласно член 12 од Договорот.
Иако цел на состаноците на меѓувладината комисија е „примена на мерки за подобрување на билатералната соработка“, според членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија (2017), Протоколот е целосна негација и на оваа одредба, но и на целиот Договор и принципите на Обединетите нации. Имено, Протоколот со својата содржина и со наметнатите услови за почетокот и текот на нашите евроинтеграции, директно ги погазува: членот 1, според кој двете страни „ќе развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството“; членот 2, според кој двете страни „ќе соработуваат во рамките на Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Советот на Европа и други меѓународни организации и форуми“ и „ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО“; и членот 11, според кој „ниту една од Договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер“.
- Шесто, произведува масивни штетни дејствија врз идентитетски прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Протоколот и наметнува на Македонија обврски, чие евентуално исполнување, би предизвикало меѓународно правно поништување на македонскиот народ и на македонскиот јазик, како и комплетно бришење на нивниот историски континуитет, тргнувајќи од бугарското негирање на сите овие идентитетски одредници за македонскиот народ, јазик и држава. Имено, наметнува еден вид „средновековно духовно владение“ над Македонија, со долг список детални „ингениозни“ мерки за превоспитување и замислена бугаризација на Македонците.
На пример, бара целосна промена на историските наративи, изнудено изнаоѓање „заеднички“ личности и настани за славење, внесување на „новата историја“ во „наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“. Се бара строго контролирање на сите содржини во медиумите, јавните настапи, дури и на приватните изјави на социјални медиуми, како и на „државното финансирање за нови книги, документарни и списанија, филмови и други уметнички дела, културни споменици и прослави“. Обврзува на бугарско одобрување историски и други учебници и лекции во нив, како и на СИТЕ објавени материјали, содржини, натписи и друго, поврзано со образование, култура и уметност.
Покрај сево ова, во Протоколот се поставува и „услов првата меѓувладина конференција да се одржи веднаш откако Република Северна Македонија во нејзиниот Устав ќе ги вклучи сите граѓани кои живеат на територијата на земјата кои се дел од бугарскиот народ и ќе го усогласи своето важечко законодавство со измените направени во Уставот“. Вистински преседан е, еден подзаконски акт, па уште и незаконски донесен и правно невалиден, да наметнува измена на преамбулата на Уставот и на целото важечко законодавство. (hic!) Со сево ова, протоколот задира во темелните вредности на нашиот уставен поредок.
- Седмо, претставува непремостлива пречка за нормално функционирање и стратешко меѓународно позиционирање на македонската држава, со тоа што е имплицитно вграден во преговарачката рамка за евроинтеграција и експлицитно во два други документа од евроинтеграцискиот пакет.
Во Преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022, на Протоколот се реферира со „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација според Членот 12“. Додека, пак, во пакетот документи на ЕУ поврзани со македонската интеграција, Протоколот се спомнува директно во два (2) документа: во Заклучоците на Советот на ЕУ (18.07.2022), во делот посветен на регионалната соработка и добрососедските односи, во точката 14, каде се поздравува „договорот за Протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија(…) Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка, кои остануваат главни елементи на процесот на проширување како и на процесот за стабилизација и асоцијација“; и во Изјавата за одржувањето на првата Меѓувладина конференција (19.07.2022), со истата формулација како и во цитираните Заклучоци.
Следејќи ја хронологијата на настаните поврзани со Протоколот, сметаме дека целата процедура со упатувањето на него во евроинтегративниот пакет за Македонија е хронолошки нелогична, правно неодржлива и деградирачка за нашата земја. Имено, Бугарија и Европската Унија гледале, дискутирале и усвојувале непостоечки документ, додека Македонија била оставена како пасивен набљудувач да го чека нивното одобрување, па дури потоа да го потпише, иако се работи за нејзино идентитетско деградирање. (hic!) Сево ова правно го дисквалификува и Протоколот и упатувањето на него во преговарачката рамка. Од сето погоре изнесено, јасно е дека Протоколот е непремостлива пречка за евроинтеграцијата, со оглед на апсурдноста на обврските и невозможноста тие да бидат исполнети од страна на Македонија како самостојна и суверена држава.
Во контекст на невалидноста на Протоколот се поставува правно прашање дали Протоколот може да се поништи во склад со меѓународното право и каква правна разврска тоа би произвело. Следејќи ја Виенската конвенција за договорното право (1969), членот 53 го овозможува поништувањето во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право (jus cogens), како во овој случај (прекршувања 6 и 7). Понатаму, може да се повика на „невозможноста за исполнување на договор“ од членот 61, поради тоа што претставува непремостлива пречка за нормалното функционирање и стратешкото меѓународно позиционирање на македонската држава (прекршување 7). Постапката, пак, за прогласување на договор за ништовен и раскинување на договор, е објаснета во членот 67, додека постапка за корегирање на договор поради грешки во текстот, е објаснета во членот 79.
Важно е да се утврди официјално ништавноста на документот, а потоа да се отвори транспарентен и правно издржан процес за нов, ПРАВНО ВАЛИДЕН ПРОТОКОЛ за спроведување на Договорот за пријателство, кој ќе води сметка за достоинството и интересите на двете страни. Само таков може да се ратификува во Собранието и да произведе правни дејствија во насока на пријателство и добрососедство. Дотогаш, останува меѓународно важечки постоечкиот Договор за пријателство и добрососедство, кој без овој Протокол не може да ги произведе овие штетни дејствија.