Протестот на туристичко-угостителскиот сектор се сели пред Влада од понеделник
Промената на локацијата за протестирање, како што велат, е поради тоа што протестот пред Министерството за финансии и нивните барања биле игнориран од власта.
Угостителите, туристичките работници, сметководителите, танцовите училишта и останатите дејности кои досега протестираат пред Министерството за финансии од понеделник ќе протестираат пред Влада.
Промената на локацијата за протестирање, како што велат, е поради тоа што протестот пред Министерството за финансии и нивните барања биле игнориран од власта.
Велат дека испорачаа барања на кои никој не одговара.
– Пред Влада ќе се собираме и протестираме секој ден до исполнување на нашите мерки. Во меѓувреме продолжуваат паушалните мислења на високи функционери, врз основа на кои се креираат мерките, наместо вистинска и сеопфатна анализа на терен и консултација со соодветни стручни лица – изјави Мартин Ангеловски од туристичко – угостителска комора.
Туристичко-угостителската комора бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на владата, еднократна финансиска помош во вид на грант за сите и мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка.
За туристичкиот сектор се бара неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана туристичка агенција со цел опстанок и ликвидност на компаниите за 2021 година, а ваучерите кои ќе се доделуваат од Владата за кампањата „Дома си е дома“, задолжително да се користат преку туристичките агенции, кои ќе можат во аранжманите да ги вклучат сите учесници од секторот туризам како хотели, категоризирани објекти за престој, превозници и за истото да може како помош да биде искористено од сите учесници во секторот.
Протестот го поддржуваат повеќе сектори кои се погодени од пандемијата.