ПРОТЕСТИ НИЗ СРБИЈА Судири во Нови Сад, тензии во повеќе градови

По нападите врз демонстранти во Врбас и Бачка Паланка, студентите во блокада повикаа на масовни протести низ цела Србија.

639

Студентите во блокада во Србија вечерва ги повикаа граѓаните да излезат на улиците, откако синоќа поддржувачи на Српската напредна странка (СНС) нападнаа демонстранти во Врбас и Бачка Паланка. Како дел од акцијата, најавени се собири низ целата држава, а локациите за протестите вклучуваат простории на СНС, како и полициски управи во повеќе градови.

„20.00. Разбудете се“ – со оваа порака, студентите во блокада преку својот Инстаграм профил ги повикаа граѓаните да се приклучат на протестите.






Протестите вечерва се одржуваат во Белград, Лазаревац, Суботица, Ниш, Крагуевац, Чачак, Смедерево, Шабац, Рума, Горњи Милановац, Краљево, Лесковац, Сомбор, Аранѓеловац, Параќин, Прокупље, Ужице, Алексинац, Пирот, Кикинда, Сремска Митровица, Врање, Нови Сад, Зрењанин и други градови.

Во Нови Сад, околу 21:00 часот, дојде до судир меѓу група граѓани и студенти кои започнаа протестна прошетка, и поддржувачи на СНС. Кога демонстрантите пристигнаа пред просториите на партијата, околу шеесет поддржувачи на СНС почнаа да фрлаат пиротехнички средства, петарди, како и шишиња и камења кон демонстрантите, јави агенцијата Бета.

Како реакција, дел од демонстрантите фрлаа предмети кон просториите на СНС, по што интервенираше полицијата. И покрај интервенцијата, симпатизерите на СНС продолжија да фрлаат пиротехнички средства кон насобраните.

Во другите градови ситуацијата е тензична – полициски кордони ги раздвојуваат демонстрантите од приврзаниците на СНС.

Вечерва, претседателот на Србија Александар Вучиќ им се обраќа на своите приврзаници на митинг во Белград.

Поврзани содржини