Протест во Белград, демонстрантите се судрија со полицијата и влегоа во Парламентот (ВИДЕО)

Стотици граѓани се собраа вечерва поради најавата дека од петок ќе биде воведен полициски час со цел да се спречи ширењето на новиот коронавирус.

820

Вечерва во центарот на Белград стотици граѓани се собраа да го искажат незадоволството од воведувањето на полицискиот час поради пандемијата од ковид-19, при што се судрија со полицијата при нивниот обид да влезат во Парламентот. Лидерот на Обединета Србија, Драган Марковиќ Палма ова го оцени како терористички чин. Протест има и во Нови Сад каде на плоштадот Република се собраа стотици граѓани.

Стотици граѓани се собраа вечерва поради најавата дека од петок ќе биде воведен полициски час со цел да се спречи ширењето на новиот коронавирус.






Граѓаните го запреа сообраќајот во близина на платото пред Националното собрание на Србија.

Граѓаните извикуваат „Вучиќ крадец“, „Оставки“.

Демонстрантите ги повикуваат студентите и сите оние кои, како што велат, се грижат за иднината на својата земја да се соберат пред Собранието.

Претседателот на Обединета Србија, Драган Марковиќ Палма вечерва го осуди насилството пред српскиот Парламент и обидот за влез во Парламентот го нарече терористички чин.

– На изборите на 21 јуни, граѓаните одлучија кој треба да влезе во Собранието. Ова насилство пред Собранието го организираа неуспешни политичари, кои не се во состојба да постигнат никаков резултат на изборите, па затоа се обидуваат да дојдат на власт со насилство – рече Марковиќ.

Тој оцени дека настаните пред Парламентот се „терористички чин“ и оти лидерите на таквиот „терористички чин“ мора веднаш да бидат уапсени.

Неколку десетици граѓани на Нови Сад вечерва протестираа во центарот на градот по најавата за воведување вонредна состојба во Белград, а можеби и во другите градови во Србија.

Граѓаните се собраа на плоштадот Република по повикот на социјалните мрежи.

Тие прошетаа до Плоштадот Слобода, каде се задржаа кусо време пред градското собрание, а потоа неколкумина отидоа во Градското собрание, каде што залепија налепници на кои пишуваше „лечи се “.

Демонстрантите потоа отидоа до просториите на Српската напредна партија во центарот на градот и исто така залепија налепници на постерите на претседателот на партијата Александар Вучиќ и градоначалникот Милош Вучевиќ.

Собирот почна во 21 часот, по обраќањето на претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој соопшти за мерките.

Најавен е нов протест во Нови Сад за утре во 18 часот.

Поврзани содржини