ПРОТЕРАЈТЕ ГО БУГАРСКИОТ АМБАСАДОР Бугарија има отворени територијални претензии кон Македонија

Симонов го пренесе ставот на Левица, за тоа дека курсот на надворешната политика на Македонија е погрешен, препорачувајќи итен прекин на преговорите со Бугарија.

481

Минатата недела сведочевме на бројни понижувања на македонскиот народ и држава. Највисоките претставници на неколку земји од Европската Унија, македонскиот народ и јазик ги нарекоа „северномакедонски“. Згора на сѐ, се појави францускиот предлог направен во соработка со министерот Османи, кој интегрирајќи ги сите бугарски барања, ги негираше постоењето на македонската култура, јазик, народ и држава, вели Александар Симонов, координатор на секторот за надворешна политика на Левица.

– За ситуацијата да биде полоша, од Народното Собрание на Република Бугарија одекна национал-шовинистичката порака со територијални претензии кон Република Македонија, еднаква на оние во времето на фашизмот во Втората светска војна. Пораката во која се вели „Македонија е Бугарија“ и негира постоење на засебна држава искажана во едно народно собрание е невиден преседан за европската историја. За реактуелизирањето на големо-бугарската идеја, со која се рехабилитираат фашистички идеи и се загрозува територијалниот интегритет на Македонија, за жал не наидуваме на соодветна осуда или протест. Ниту од македонската Влада. Ниту од ЕУ, или пак т.н. стратешки партнери од НАТО.






Симонов го пренесе ставот на Левица, за тоа дека курсот на надворешната политика на Македонија е погрешен, препорачувајќи итен прекин на преговорите со Бугарија, протерување на бугарскиот амбасадор во земјава, Владата да побара извинување од претставниците на ЕУ кои ја користат придавката „северномакедонски“, како и во иднина со претставниците на источниот сосед да се комуницира исклучиво низ меѓународните институции каде Македонија е членка.

Поврзани содржини