Простување и покајание?

Можеме ли да им простиме на луѓе без чувство за морал, правда, за чест… на луѓе за кои зборот покајание е апсолутно непознат? И да заборавиме погубни, катастрофални, понижувачки и дефетистички „политики“, деструктивни во нивната крајна цел? Тие што можат - нека простат.

595

Духот на Празникот е таков – простувачки и покајнички, но и славенички, се разбира. Зашто се слави победата на доброто над злото, се слават спасението и поуките (меѓу нив и за смирението и братољубието коишто толку ни недостасуваат), верниците, но и сите луѓе го воспеваат воскреснувањето но и учат за покајанието и простувањето. На тоа упатува и гестот на Христос со подадениот залак на Јуда. За жал, без резултат.

И во тој дух евангелските текстови подучуваат на простување на луѓето заради нивните слабости и немоќи и милостивост кон грешниците. Но, ако таа и таква божествена духовност ја приземните на македонската секојдневна реалност – особено политичка, но и морална – таа е трогателно поразена, згазена и бласфемично деградирана од ниските човечки страсти, лагите и од жедта за моќ и за профит. Превезот на квазидемократијата и на слободната волја веќе одамна ја поништува мотивацијата за простување. А никој не покажува ни желба за покајување!






Во такви услови македонското општество и на вакви празници останува растргнато од лажни пророци и од зли политиканти кои дури и земните страданија како она во Кочани, наместо за сочувство и сострадание, го користат за политички маркетинг, за ѓаволски игри со вистината, за пренасочување на вината во туѓ скут. Повеќето од трите децении независност Македонија се бори со самопрогласени лидери и спасители, со мафијашки кланови и со политикантски врхушки. И зошто ние сме оние грешните кои заради нивната алчност и глупост треба да страдаме и да се мачиме, распнувани во нивните борби за превласт, за присвојување на општото богатство, за трупањето на сребрениците?

На ваков Празник и во вакви денови е грев да се богохули и да се мрази, но некои прашања конечно мораат да бидат поставени.

На пример, како да простите секојдневни лаги и манипулации, свесно извртување на вистината и коалицирање со нечестивиот, како што тоа се случуваше последниве 8 години? Како да преминете преку такви и толкави злосторства против интересите на македонскиот граѓанин и да застапувате, дури да браните туѓи агенди против државата, народот, неговиот идентитет, јазик и култура? Та нели беше само условот за менување на Уставот, ама сега, кога најотворено веќе никој не гарантира дека тоа е првиот и последниот чин во бугарската приказна – што понатаму? Колку години се изгубија за ништо, а напорите можеа да се насочат во барањето друг правец? Или, колку години се изгубија во играта со името, за да се појави „спасителот“ потоа и да нѐ пренесе жедни преку вода?

Може ли Празникот да прости ако за такви дејствија – нема простување? Не само за главните актери туку и за нивните слуги и потрчковци, онаа „пајтон интелигенција“ која секојдневно ги полнеше главите на луѓето со лажни прогнози, неостварливи ветувања, со ѓаволски надежи? Кој и зошто би им простил на таквите? Истите тие сега бараат некаква „отчетност“, но не ја бараа од нивните газди. Сега сакаат дури и да дебатираат за ужасната трагедија што завитка цел град во црно, ама само како алиби за заборав на претходните еднакво страотни трагедии. Оние кои сиве години застапуваа една страна – онаа на лагата, на манипулацијата, на корупцијата и на криминалот – сега се грижат за народот кој бил туркан „да земе страна и да одбере партија која ќе нѐ спаси од идни трагедии“. Но, кога спасот е на повидок – истрагата била селективна!

Можеме ли да им простиме на луѓе без чувство за морал, правда, за чест… на луѓе за кои зборот покајание е апсолутно непознат? И да заборавиме погубни, катастрофални, понижувачки и дефетистички „политики“, деструктивни во нивната крајна цел? Тие што можат – нека простат.

Тие, што можат, нека ги простат и криминалите и корупцијата, велепредавствата и европоданичкиот манир. Можеби ќе можат да простат и што нѐ ставија сите во истиот мизерен кош со нив и со нивните партиски војници, со нивната неспособност и сите залудно загубени години и прокоцкани – да не речам украдени – државни буџети. Можеби ќе успеат да ја заборават и малициозната употреба на множината, ние – којашто требаше сите да нѐ претстави како неспособни, неуки, нестручни и некомпетентни некадарници, а да ги испере нивните црнила?

Зашто ние, кои малку подолго паметиме, знаеме дека македонското рамниште беше далеку над денешното на нивните партии и „пајтон интелектуалци“, дека не бевме толку предалеку од сите нормални цивилизациски европски и светски текови во сите области. Нас во тој поглед не можат да нѐ излажат со нивната денешна компензација во криминалот, корупцијата, загадувањето и катастрофалната еколошка „политика“, во средновековното образование, во руинираното здравство, во диригираната економија, во „авангардноста“ на „Скопје 2014“… Сето тоа блика од ступидност, инфериорност, незапаметен провинцијализам и простотија!

Најмалку што сакам е моиве зборови, во овој миг, да прозвучат како библиското „посочување на предавникот“ или како некаква опомена за одрекување од злобноста и среброљубивоста. Во животот секогаш има заталкани души кои не успеваат да ја согледаат правдољубивоста во нејзината света целост. Сведочевме и на добронамерни совети, иако малку наивни, па и навредливи, дека „немаме конкретна историска, туку имаме митолошка претстава за минатото“, а и дека не успеваме да ја согледаме позитивната страна на некои меѓународни договори. Меѓу нив и „Преспанскиот договор“. Дури ни се препорачуваше и некаква „колективна терапија“, како онаа што Ѓинѓиќ ја препорачуваше на Србите. Добронамерните совети, а ова е таков, иако погрешен, мора да се простат. Не ја разбираат суштината, а таа не е во преведувањето книги како главна придобивка. Таа е во она што го посочуваше академик Коцарев: „Договорите со Грција и со Бугарија го ништат, поништуваат, разоруваат и искоренуваат колективниот македонски идентитет“. И понатаму: „македонскиот национализам се обидува да ги спаси македонската култура, јазик и историја, додека, пак, национализмите на некои наши соседи, отелотворени во нивната официјална државна политика, ги водат Македонците директно во духовни ’гасни’ комори – во нивен идентитетски геноцид“.

Се разбира, ние не можеме да бараме баш од сите да нѐ разберат. Како што ни тие не можат да бараат од нас да им простиме.

Јас, нека ми прости Празников, не можам сето тоа да го простам!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини