„ПРОСТОР ЗА РАЗГОВОР“ Уметнички активизам за подигнување на свеста за родовата еднаквост и за семејното насилство
Во контекст на темата, родовата еднаквост и семејно насилство, настанот ќе започне со танцов перформанс кој ќе го изведат танчерите на Скопје танцов театар и подмладокот на компанијата, студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев".
Утревечер, 26 ноември, со почеток во 19 часот, во Мала станица, ќе започне првиот од серијата настани насловени како „Простор за разговор” или „Dancing (Talking) Table” во организација на Интерарт културниот центар, со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје.
Во контекст на темата, родовата еднаквост и семејно насилство, настанот ќе започне со танцов перформанс кој ќе го изведат танчерите на Скопје танцов театар и подмладокот на компанијата, студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев”.
Веднаш потоа, ќе се прикаже танцовиот филм со истиот наслов, за кој инспирација беа сведоштвата на жртви на родовата (не)еднаквост и семејното насилство.
„По филмот ќе слушнеме тројца активисти кои ќе говорат од различни аспекти на темата и тоа: Елена Димушевска, Извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство; Огнен Јанески, Амбасадор против говорот на омраза за Западен Балкан на Советот на Европа и ЕУ и Ана Зафирова, новинарка и активистка“, се вели во најавата.
Танцовиот перформанс „Dancing Table” е во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ. Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Бобан Русески и подмладокот од Катедрата за современ танц при УГД: Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша. Микаела Ангела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска, Стефанија Милевска Враниќ.
Проектот има за цел, преку уметнички активизам да се подигнува свеста за родовата (не)еднаквост и семејното насилство, во тек на пролетта 2023 година, ќе патува низ десетина градови во земјава со цел да се поттикнат активностите и свесноста на што поголема територија. Директорот на Интерарт културен центар, Матеа Мијановиќ, кој го води проектот, смета дека е „важно да се постават прашања во однос на темата и јавно да се разговара за истата”.