📽️ ПРОШИРУВАЊЕТО СЕ ИСКРИВУВА НА ШТЕТА НА МАКЕДОНИЈА Бугарската потпретседателка Илијана Јотова жестоко ја критикува ЕУ

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова речиси половина од интервјуто го посвети на односите меѓу Скопје и Софија, обвинувајќи ги европските лидери за создавање на погрешен наратив дека спорот е само билатерален проблем меѓу Македонија и Бугарија.

4,385

Неодамна почувствував искривување на темата ‘проширување на ЕУ’, а особено со Република Северна Македонија. Постои тенденција ова проширување и овој процес да се стават во билатерална рамка. И уште повеќе – некои од нашите европски партнери, вклучително и европскиот комесар Кос, зборуваат како Бугарија да го запрела овој процес затоа што има некаков билатерален проблем, затоа што двете земји не се разбираат, затоа што не можат да се договорат за нешто, коментираше потпретседателката Илијана Јотова во емисијата „Брисел 1“ на „Bulgaria ON AIR“.

Таа речиси половина од интервјуто го посвети на односите меѓу Скопје и Софија, обвинувајќи ги европските лидери за создавање на погрешен наратив дека спорот е само билатерален проблем меѓу Македонија и Бугарија.






– Геополитичкиот притисок е огромен за забрзано примање на нови земји-членки. Стравувам дека тоа е ризик кој еден ден ќе го платиме скапо. Без вистински реформи, новите членки ќе внесат уште повеќе проблеми во ЕУ, која и сега има сериозни предизвици – изјави Јотова.

Овие остри пораки на Јотова доаѓаат токму во пресрет на тридневната официјална посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Бугарија.

– Да ве потсетам дека од 2022 година имаме европска политика по ова прашање. Имаме европска преговарачка рамка, која не е политика на Бугарија како земја-членка на ЕУ, кон земјата-кандидат – РСМ. Зборуваме за преговарачка рамка што ја усвои Советот на ЕУ. Да, оваа преговарачка рамка беше имплементирана врз основа на таканаречениот француски предлог, кој ги вклучува и протоколите потпишани од двете страни. т.е. зборуваме за европско законодавство и РСМ мора да ги исполни овие критериуми и ова законодавство ако нашите соседи сакаат да го започнат процесот на преговори со нив – рече Илијана Јотова

Според најавите, главни теми на разговор меѓу Кошта и бугарскиот премиер Димитар Жељазков ќе бидат европската одбрана, војната во Украина, миграцијата и европското проширување.

Кошта, кој повеќепати нагласи дека интеграцијата на Западен Балкан е политички приоритет за Унијата, најави и официјална посета на Македонија во мај. Во истиот период, земјава ќе ја посети и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас.

Поврзани содржини