Проширувањето на ЕУ и политичката реалност
ЕУ сега влегува во интензивна политичка година со неколку тешки предлози на планираната агенда, меѓу кои неизоставно место зазема и најавеното интензивирање на плановите за проширување на Унијата. Во исто време, ЕУ ја очекуваат досега можеби најтешките преговори за нов повеќегодишен буџет.
„Со Доналд Трамп во Белата куќа Европа ќе остане сама“, смета Швеѓанката Илва Јохансон, еден од највисоко профилираните еврокомесари во Брисел во претходниот состав на Европската комисија, истакнувајќи ја деновиве во едно интервју својата загриженост поради развојот во САД.
Според Јохансон не треба да се биде наивен, бидејќи во исто време рускиот претседател Путин се плаши од силна ЕУ и е подготвен да направи сѐ што е во негова моќ за да внесе раскол и да ја ослабне Европската Унија.
Сѐ почесто се слушаат повици дека ЕУ треба да избере свој пат по инаугурацијата на Трамп за американски претседател. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вети дека неделава ќе го претстави новиот голем план на ЕУ за зголемување на продуктивноста и конкурентноста.
Плановите вклучуваат намалување на регулативата, подобрување на пристапот до финансирање, намалување на трошоците за енергија и намалување на зависностите поврзани со критичните материјали.
ЕУ сега влегува во интензивна политичка година со неколку тешки предлози на планираната агенда, меѓу кои неизоставно место зазема и најавеното интензивирање на плановите за проширување на Унијата. Во исто време, ЕУ ја очекуваат досега можеби најтешките преговори за нов повеќегодишен буџет.
Европската комисија мора да го претстави својот предлог за тоа како треба да изгледа буџетот за 2028-2034 година пред истекот на јули. Искусниот полски функционер, а сега буџетски менаџер на Европската комисија, Пјотр Серафин, како што пренесуваат повеќе ЕУ-портали, очекува дека преговорите меѓу земјите-членки за ова прашање ќе бидат најтешките досега. Буџетот треба да одговори на неколку нови предизвици како што се одбраната, климатските промени и поддршката за Украина.
Војната на Русија против Украина беше почетна точка за заживување на проширувањето на ЕУ. И сè уште постои силен моментум за внесување нови земји во Унијата. Десет меѓувладини конференции, како формален услов кој треба да биде исполнет кога треба да се преговара за нови политички области со земјите кандидати, се планирани напролет за да се придвижи процесот напред.
Украина сака да започне преговори за првиот преговарачки кластер, но се соочува со континуирано противење од Унгарија. Црна Гора има за цел да стане членка на ЕУ во 2028 година, додека Албанија сака да ги заврши техничките преговори со Европската комисија во 2027 година. Исланд би можел да одржи референдум за членство во ЕУ во 2027 година.
Србија сака да го отвори третиот преговарачки кластер и има за цел да ги заврши техничките преговори во 2026 година. Што се однесува до Македонија, преговорите се уште не се започнати поради проблемот со нерешното прашање од преговарачката рамка околу внесувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав.
Дали Унијата е навистина сериозна во тоа што постојано се тврди дека вратата во основа е отворена за десетина нови членки? Трошоците за прием на сегашните земји кандидати, без Турција, се проценуваат на меѓу 15,7 и 26 милијарди евра годишно. А токму околу тоа се очекува не само Европската комисија, туку и сите други значајни ЕУ-лидери да го отворат и разјаснат ова прашање пред своите избирачи.
Чисто формално гледано, зад големиот план стојат и сите лидери на ЕУ. Во заклучоците по самитот на Унијата во декември минатата година беше поздравена „новата динамика“ што го карактеризира „процесот на проширување“.
Но, добро е познато дека тоа не е целосна вистина. Шефовите на држави и влади на ЕУ се однесуваат и настапуваат како да се согласуваат, но под површината има големи противречности и разидувања. Многу земји вусшност не сакаат Унијата воопшто да расте.
Тековните преговори се суштински контролирани од Европската комисија. Политички избраните лидери на земјите од ЕУ, кои одлучуваат како ќе се одвиваат работите, претпочитаат да ги одложуваат решавачките одлуки колку што е можно подолго. Веројатно се скептични и сметаат дека нивните избирачи не се многу наклонети кон процесот на ЕУ-проширувањето.
Токму затоа постојано се повторува дека тековните преговори се „засновани на заслуги“, што звучи како гаранција дека ќе им биде потребна цела вечност на земјите апликанти да ги исполнат барањата на ЕУ. Но во колкава мера таквите ставови се продуктивни за единството и иднината на Континентот, е друго прашање.
Едно од централните прашања, кое постојано им се посочува на земјите кандидатки, се реформи на правосудниот систем и јакнење на правната држава. Илва Јохансон смета дека токму тоа е исклучително важно и крајно неопходно, значи, консквентна одбрана на принципите на владеењето на правото, кои се сериозно загрозени во ЕУ.
Во многу земји-членки има силни партии кои имаат врски со Путин, и имаат агенди слични на онаа што ја има Виктор Орбан во Унгарија, или Доналд Трамп во САД, каде што се доведуваат во прашање неколку основни принципи на владеењето на правото, укажува поранешната шведска еврокомесарка. Решително спротивставување на таквите тенденции не треба да се избегнува.
Од ЕУ-лидерите се очекува да почнат моногу порешително да ги изнесуваат своите аргументи, да кажат зошто мислат дека ЕУ ќе има полза од експанзија со повеќе членки и да се обидат да одговорат на тешките прашања во врска со тоа. На таков начин ќе им дадат можност на избирачите да формираат сопствено мислење врз основа на нешто друго, а не како и обично кога до израз доаѓаат скептичност и предрасуди дека новите членки, кои главно се сиромашни и корумпирани земји, би претставувале баласт за ЕУ.
Во спротивно, веројатно нема да помине многу долго време пред некои лидери на ЕУ, слично на дтжавниот врв во Бугарија, да почнат да го користат своето право на вето за да го забават проширувањето. Веќе е констатирано дека интересот на ЕУ е процесот на проширување да успее. Се друго би претставувало ризична стратегија.