ПРОСЕЧНА БРУТО ПЛАТА НА КОМПЈУТЕРЏИИТЕ ВО ЗЕМЈАВА Е 2.376 ЕВРА Лани овој сектор генерирал 1,65 милијарди евра приход

Лани бројот на вработени се зголемил на речиси 24.000 лица, компаниите од секторот платиле 33 милиони евра данок на добивка, а извозот на ИКТ-услуги бил вреден 664 милиони евра.

697

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ ја објави годишната анализа на ИКТ-секторот и соопшти дека оваа индустрија и во 2024 година е двигател на економскиот раст, интернационализацијата и иновациите.

Според најновата компаративна анализа, ИКТ-секторот во 2024 година генерирал неверојатни 1,65 милијарди евра приход што е раст од 12,5% во однос на 2023 година.






Бројот на вработени се зголемил на речиси 24.000 лица, а инвестициите во човечки капитал и бенефиции достигнале историски нивоа.

Најбрзорастечки параметар е профитабилноста

Во 2024 година, компаниите од ИКТ секторот платиле 33 милиони евра данок на добивка, што претставува скок од речиси 65% во однос на претходната година. Ова покажува не само голем раст на приходите, туку и сериозно зголемена продуктивност и зрелост на индустријата.

Платите се највисоки во земјата

Просечната месечна бруто плата во ИКТ достигна 2.376 евра, а вкупно за плати и надоместоци се исплатени над 314 милиони евра што е 18% повеќе од 2023 година. Се бележи и раст на инвестиции во „нематеријални“ бенефиции – бонуси, обуки, патувања, осигурување – со вкупен износ од 32 милиони евра, што ја потврдува конкурентноста и привлечноста на секторот.

Со извоз на ИКТ-услуги вреден 664 милиони евра, секторот бележи раст од 20%, потврдувајќи ја својата позиција како стратешки двигател на македонската економија на глобалната сцена.

ИКТ е иднината и сегашноста

Анализата покажува дека ИКТ не е само најбрзорастечкиот, туку и најстабилниот и најатрактивниот сектор за кариерен развој. Компаниите вложуваат сè повеќе во луѓето, креирајќи услови за одлични плати, професионален развој и висок животен стандард.

Оваа година, МАСИТ одбележува јубилеј 25 години активно присуство и посветеност на развојот на ИКТ-индустријата во Македонија. Во текот на овие две и пол децении, МАСИТ успеа да ги обедини најиновативните и најуспешните ИКТ-компании, кои денес генерираат половина од вкупниот приход во секторот.

Поврзани содржини