ПРОПАГАНДНАТА МАШИНЕРИЈА НА ВЛАСТА ИМА КРАТОК ФИТИЉ И ЃОН ОБРАЗ Како еден обичен инфлуенсер успеа да разоружа цела чета партиски војници
Веќе цели два дена, повеќето највлијателни владини мегафони на социјалните мрежи без престан го обвинуваат инфлуенсерот Божидар Божиновски дека е алкохоличар, бидејќи, како што „аргументираат“, на секоја втора фотографија на Фејсбук позирал со пиво во раката.
Моќната владина пропагандистичка машинерија викендов ги запали моторите и со сите сили, без претходно утврдени правила на игра, удри по инфлуенсерот Божидар Божиновски.
Без милост. Како во „најдобрите времиња“ на онаа поранешна власт, за којашто тогашната опозиција ни обелоденуваше аудио-снимки, од коишто дознававме како се тегнеле луѓе за уши, како ќе се фрлале луѓе во ендеци, како се делеле шлаканици како да се бонбони…
Првиот удар под појас, како што раскажува Божиновски, го добил откако двајца провладини новинари ургирале кај уредништвото на ТВ24 и побарале да му се стави забрана за емитување во еден надворешен телевизиски проект, во којшто настапот на Божидар не траел повеќе од 5 минути.
„Да ги пофалам Петрит Сарачини и Борјан Јовановски поради тоа што се јавувале во ТВ24 и ургирале да не ме емитуваат. Еве ме нема, се надевам дека гомната фашистички се среќни. Не е до нив што ме нема, туку само сакам да ги пофалам“, напиша Божиновски на Фејсбук, а во коментарите под објавата додаде дека одговорот на целата редакција, како и од главната уредничка на телевизијата, бил: „Одебете!“
Демант веднаш пристигна од Сарачини, кој вели дека е навреден од епитетот „фашистичко гомно“ што му го залепил Божиновски, а вели дека е лажно и тврдењето дека се јавувал во ТВ24 за да ургира да му се даде отказ на инфлуенсерот. Тој побара јавно извинување од Божиновски, но доби поинаков одговор:
„Ова фашистичко гомно се претставува ко борец за слобода. Таква слобода што може само Заев и Ковачевски да се во право. Би сакал да испадне дека лажам и дека овој, Борјан и Паралитико не се јавувале во ТВ24 да ме укинат. Ако лажам, прв ќе се извинам. А до тогаш, ќе видиме“, возврати Божиновски.
И тука, како што вели, „му пукнал филмот“ и одлучил повеќе да не седи со вкрстени раце, туку да ја искористи својата влијателност на социјалните мрежи и да возврати на секој удар што му го нанесуваат, како што ги нарекува, „мекотелите на власта“. Сам, со пивото в рака, против сите „не сум пробал цигара во животот“ експерти за ширење демагогии и истакнати владини мегафони.
Првиот контранапад Божиновски го изврши во саботата, кога најави дека во наредниот период ќе ги разоткрие сите владини „ботови“ кои со години наназад преку лажни или „кодирани“ профили на социјалните мрежи ја шират владината пропаганда и вршат синхронизирани напади врз политички неистомисленици.
Прв на списокот се најде провладиниот активист Боби Илиевски, а со целосно име и презиме беше објавен и сопственикот на Твитер налогот „Сплинтер“, за кого Божидар тврди дека е главниот пропагандист на експремиерот Зоран Заев и на Бугарите. Фотографија и податоци беа објавени и за Твитер профилот наречен „Цене“, а на листата се отвори место и за братот на новинарот Сашо Ордановски, за Влатко Васиљ, за Валон Керими, за Рубин Иваноски, за Никола Наумовски – Никса…
Ваквиот негов потег дополнително ја разлути власта, па сите партиски ботови на социјалните мрежи очигледно во исто време добиле наредба за јуриш, односно за синхронизирано „тролање“ на „палавиот“ Божидар. А за што може да се фати една власт која сака по секоја цена да оцрни инфлуенсер без криминално минато? За што друго ако не за физичкиот изглед и за навиките на инфлуенсерот…
Па така, веќе цели два дена, повеќето највлијателни владини мегафони на социјалните мрежи без престан го обвинуваат Божиновски дека е алкохоличар, бидејќи, како што аргументираат, на секоја втора фотографија на Фејсбук позирал со пиво во раката.
„Вознемирени биле од СДСМ. Немојте, не сум ни почнат. Сум бил пијаница. Не лажат, сум. Тоа е вистина. И тие биле способни за некоја вистина. Наредно е дрога. Е таму може да ми се фатите“, возврати Божидар.
Во меѓувреме, војната продолжува…
И ЗНМ контра Божо
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), реагира на непримерната јавна комуникација проследена со груби навреди и закани кон новинари објавени на Фејсбук профилот именуван како Божидар Божиновски, се вели во соопштението.
„Лицето Божиновски во изминатите денови, преку социјалната мрежа Фејсбук, во еден од постовите, на споменатиот профил, објавува лична фотографија од новинарот Борјан Јовановски и во текстот вели дека: ‘тој е копито фашистичко кое се појавило на телевизија и не кажало ништо за фашистите во Охрид… на овој би му сугерирал опција Адолф, што побрзо да нѐ спаси од неговото постоење’. Објавување на ваков тип на содржина за колегата Јовановски може да поттикне говор на омраза од страна на трети лица на социјалните мрежи, како и на дел од онлајн медиумите. Омразата директно може да ја загрози безбедноста на новинарите и останати поединци со што кривична одговорност освен сторителите имаат и оние кои ги поттикнале делата од омраза. Слободата на изразување потребно е да се промовира и негува како една од најважните човекови права, но истовремено потребно е да се знае дека остварувањaто на овие слободи вклучуваат обврски и одговорности“, наведува ЗНМ во соопштението.