ПРОПАЃААТ СКАПИ КНИГИ, НОВИ МИЛИОНСКИ ОБЈЕКТИ НЕ ФУНКЦИОНИРААТ Како работело МОН во времето на ДУИ?
Ревиозорите издадоа неповолно мислење за финансиските извештаи на сметка на основниот буџет на Министерството за образование за 2023 година, како и за неговата усогласеност со законската регулатива, упатствата и со воспоставените политики.
Одговорност на дистрибутерите е учебниците да се достават навреме на учениците, а Министерството за образование ја заврши својата обврска, рече министерката за образование, Весна Јаневска. Таа уверува дека учебниците ќе стигнат до крајот на неделава.
Проблемите со учебниците за основно и средно образование се провлекуваат со години наназад, а тоа го потврди и извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето на МОН во 2023 година. Во таа година министер за образование беше Јетон Шаќири од ДУИ. Ревизијата обелодени дека учебниците за основно и за средно образование непотребно повеќепати се уредувале, за што операторот наплатувал повисока цена за превод, лектура и за редакација.
„Учебниците кои МОН ги доставува на економскиот оператор за стручна редакција, графичко и техничко уредување, веќе биле уредени од авторите. Операторот наплатува по број на страници според договорената цена од јавната набавка, наместо само за реално уредените страници, што води до несоодветно трошење на буџетски средства“, се вели во ревизорскиот извештај.
Меѓу забелешките на државниот ревизор е и несоодветно управување со книгите и учебниците за кои се исплатени милионски суми.
„Во рамки на проектот Превод на 500 стручни, научни книги и учебници, за кој се исплатени 13.250.000 евра, сè уште не се дистрибуирани до државните органи, не се води целосна евиденција за прием и за издавање на книгите од магацин, ниту е извршен редовен попис. Условите за чување се несоодветни, што довело до оштетување на дел од книгите“, се вели во извештајот.
Утврдено е и дека кујната во Студентскиот дом „Тетово“ не функционира, затоа што заборавиле да направат вентилација, па набавената опрема не е ставена во употреба, па дел од објектот за кој се потрошени 3.450.000 евра не може функционално да се користи за намената за која е предвиден.
Со ревизијата е утврдено и дека по повеќе од една деценија, МОН не презело мерки за наплата или отпишување на побарувањата по основ на студентски кредити доделени во периодот 1998 до 2010 година, од приближно 18 милиони евра.
Во Програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта за 2023 година, утврдено е дека се реализирани без утврдени цели, приоритети и индикатори на успешност, а не бил уреден ни начинот на распределба на буџетските средства, ниту критериумите за изботка на проекти за изградба и реконструкција на училишни објекти.
ДЗР констатира и дека во 2023 година за стипендии за запишани студенти на еден од првите 100 универзитети во странство се исплатени речиси 3 милиони евра, а не постои систем за ангажирање на овие студенти по завршувањето, со што не се обезбедува ефикасно користење на вложените средства. Дополнително за нив се исплатени повеќе средства поради разликите во курсот на денот на на исплата, наместо да се пресмета по курсот на денот на објавувањето на конкурсот.
Утрвдено е и дека блок дотациите за основните и средните училишта се вршат без критериуми.
Ревиозорите издадоа неповолно мислење за финансиските извештаи на сметка на основниот буџет на Министерството, како и за неговата усогласеност со законската регулатива, упатствата и со воспоставените политики.