ПРОНАЈДЕНИ ПЕТМИНА ЗАГИНАТИ СКИЈАЧИ Трагедија кај луксузното одморалиште Цермат
Не е познато дали жртвите биле дел од иста група или се работи за одвоени случаи, ниту пак дали се работи за лавина, пад или смрзнување. Властите не исклучуваат ниту една можност, а истрагата продолжува.
Пет тела на скијачи беа пронајдени мртви во планинските предели близу луксузното зимско одморалиште Цермат во Швајцарија, објави британскиот весник „Гардијан“, повикувајќи се на информации од швајцарската полиција.
Потрагата започнала откако планинари кои се движеле низ областа пријавиле дека наишле на напуштени скии, што веднаш предизвикало сомневање за можна несреќа. По дојавата, на терен биле испратени хеликоптери и спасувачки екипи кои пребарувале дел од Алпите во близина на планината Римпфишхорн, на височина од 4.199 метри, недалеку од границата со Италија.
„Телата на пет лица беа пронајдени за кратко време“, соопшти полицијата, додавајќи дека е отворена истрага за да се утврдат околностите под кои настанала трагедијата, како и идентитетот на загинатите.
Според првичните информации, не е познато дали жртвите биле дел од иста група или се работи за одвоени случаи, ниту пак дали се работи за лавина, пад или смрзнување. Властите не исклучуваат ниту една можност, а истрагата продолжува.
Цермат, популарна дестинација за зимски туризам и елитни скијачи, е познат по своите стрмни патеки и сурови временски услови, особено во пролетните месеци кога топењето на снегот може да предизвика нестабилност во теренот.