ПРОНАЈДЕНА АКТЕРКАТА ОД СЕРИЈАТА „ОЗБОРУВАЧКА“ ПО КОЈА СЕ ТРАГАШЕ ДВЕ НЕДЕЛИ Полицијата се огласи за нејзината состојба

Актерката Шанел Маја Бенкс, која пред две недели беше пријавена за исчезната од нејзиното семејство, денеска е пронајдена и е на безбедно.

1,460

Актерката Шанел Маја Бенкс, која пред две недели беше пријавена за исчезната од нејзиното семејство, денеска е пронајдена и е на безбедно. Полицијата ја бараше 36-годишната актерка, позната по улогите во „Озборувачка“ (Gossip Girl) и „Сина крв“ (Blue Blood), откако нејзиното семејство пријавило дека не се слушнале со неа од 30 октомври.

Нејзината братучетка Даниел-Тори Синг, која долета од Торонто за да помогне во потрагата по неа, откри дека тие двете се многу блиски, дека редовно се слушале и дека семејството било многу загрижено бидејќи никој не разговарал со неа долго време.






– Пет дена без повик од мојата братучетка е црвено знаме и аларм – рекла Даниел и додала: – Не поминуваат повеќе од 48 часа без таа да разговара со мене или со нејзината мајка… Таа ми е повеќе од постара сестра.

Сепак, денеска конечно пристигнаа добри вести, откако полицијата во Лос Анџелес објави дека Бенкс е пронајдена и дека е на безбедено. Како што е соопштено, во овој случај немало кривично дело, така што никој не е осомничен или обвинет за нејзиното исчезнување.

Како што пренесува „Дејли мејл“, полицијата соопштила дека актерката е на сигурно и дека нема никакви повреди.

И како што е објавено, случајот сега се смета за затворен, откако семејството на Шанел очајнички се обидувало да ја лоцира две недели.

Бенкс живее со својот сопруг, а кога било забележано дека со денови не се јавува на никого, полицијата открила дека нејзините работи, вклучително и автомобилот и кучето, сè уште се на имотот. Сепак, не успеале да ги лоцираат нејзиниот лаптоп и мобилен телефон.

Нејзината братучетка открила дека дури и залепила флаери во соседството на актерката за да моли за помош, а изјавила и дека сопругот на актерката не покажал подготвеност да помогне.

– Тој не е подготвен да и помогне на полицијата на Лос Анџелес. Тој не е подготвен да ми помогне мене или на нејзината мајка да ја најдеме. Ги отстранува летоците од бандерите и автомобилите – изјавила претходните денови братучетката на актерката.

Бенкс се омажи минатиот ноември и неодамна ја напушти актерската кариера за да се фокусира на пишувањето.

Поврзани содржини