ПРОНАЈДЕН МРТОВ ПО ФАТАЛНОТО ПУКАЊЕ НА БРАУН Извршил масакр на Универзитетот, па си пресудил

Полицијата во Род Ајленд потврди дека станува збор за 48-годишен студент, португалски државјанин.

882

Осомничениот за фаталното пукање што минатиот викенд се случи на Универзитетот Браун во американската држава Род Ајленд е пронајден мртов, соопшти полицијата, јави агенцијата ДПА.

Шефот на полицијата во Провиденс, Оскар Перез, на прес-конференција изјави дека станува збор за 48-годишен студент на Универзитетот Браун и португалски државјанин. Неговото тело било пронајдено во магацин во градот Салем, на околу 30 километри северно од центарот на Бостон.






Главниот обвинител на Род Ајленд, Питер Нерона, соопшти дека осомничениот бил пронајден со чанта во која имало две парчиња оружје, како и други докази во автомобил, кои, како што рече, „целосно се совпаѓаат со доказите од местото на злосторството во Провиденс“.

Информацијата ја потврди и специјалниот агент на ФБИ, Тед Док, кој изјави дека телото било откриено синоќа, по обемна полициска потрага во која биле вклучени стотици полицајци и припадници на федералните служби.

Во саботата, вооружен маж отвори оган на кампусот на Универзитетот Браун, при што беа убиени двајца студенти, а неколкумина беа повредени. Неколку часа по нападот, полицијата приведе едно лице, но тоа подоцна беше ослободено, откако истрагата покажала дека доказите водат во друга насока.

Мотивот за нападот засега останува непознат.

Истражителите соопштија дека напаѓачот по пукањето избегал пеш во околните улици, што ја отежнало потрагата. Поради недостиг на камери за видео-надзор во училницата и непосредната околина, полицијата во голема мера се потпирала на снимки од приватни безбедносни камери од станбени објекти.

Во јавноста беа објавени фотографии и видеа од маскиран маж за кој се веруваше дека е напаѓачот, а полицијата повеќепати побара помош од граѓаните за негово идентификување. Снимките го прикажуваат осомничениот како се движи низ блиската населба пред и веднаш по нападот, вклучително и моментите кога на местото пристигнуваат полициските возила со вклучени ротациони светла.

Во меѓувреме, властите разгледуваат дали истото лице може да биде поврзано и со убиството на професор од Масачусетскиот институт за технологија (МИТ), кое се случи два дена по нападот во Браун.

Професорот Нуно Лоуреиро (47) почина во понеделникот во својот дом во предградието на Бостон, околу 80 километри северно од кампусот на Универзитетот Браун. Тој беше член на Одделот за нуклеарна наука и инженерство и физика, како и на Центарот за наука за плазма и фузија на МИТ.

Сепак, официјален претставник на ФБИ изјави дека засега властите не веруваат дека постои директна врска меѓу пукањето на Универзитетот Браун и убиството на професорот од МИТ.

Поврзани содржини