Промоција на збирката раскази „Нека играат децата“ од Денис Бојаров
„Нека играат децата“ е прва објавена книга на Денис Бојаров и претставува збирка раскази наменета за различни возрасни категории.
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје денеска ќе ја промовира збирката раскази „Нека играат децата“ од Денис Бојаров.
На настанот ќе зборува македонска авторка Фросина Пармаковска.
„Нека играат децата“ е прва објавена книга на Денис Бојаров и претставува збирка раскази наменета за различни возрасни категории, која обработува социолошки, психолошки и филозофски теми поврзани со децата, со семејството, но и со човекот воопшто. Изобилува со автобиографски приказни, збогатени со имагинативната нарација, преку кои авторот воспоставува комуникација и блискост со читателот и му испраќа емотивни и моќни пораки.
Денис Бојаров е роден на 4 јуни 1987 година во Штип. Основното и средното образование ги завршува во Радовиш, а високото на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во последните петнаесетина години живее во Скопје и активно работи како преведувач од турски на македонски јазик и обратно во здружението „Румели Чичеклери – здружение за наука и култура – Скопје“, лектор е по македонски јазик, држи приватни часови по македонски на странци и е еден од авторите на Дигиталниот речник на македонскиот јазик.
Промоцијата ќе се одржи на платото на МКЦ од 20 часот.