„Производството“ на Бугари е неисплатлива, промашена инвестиција

Како можат нашите родители да заборават дека овде се вршеше присилна мобилизација, на која беше одговорено со контрамобилизација, со саботажи, со борба против окупаторот. Кој беше тој?

2,343

Официјална Софија, со сета оваа изборна драма, пред светот се разголи како резил, а не како цвеќе за мирисање. Порано, имаше еден телевизиски квиз „Тражили сте-гледајте!“

Но, тоа си е нивна внатрешна работа, каква чорба си свариле – таква и нека си сркаат. Проблемот е што со нивното заплеткување и нас ќе нè дозаплеткаат – нит виновни, нит некому должни.






Проблемот е што од ништо прават проблем, а од нивната „направија“ страдаат други.

Официјална Софија, а преку постојаната долготрајна и немилосрдна пропаганда и просечниот Бугарин, толку нè сака, што нè стиска како капка роса во дланката – сè додека не испариме! Или, толку нè милува, што нè стиска како нежно пиленце во дланката, те од толку силна љубов, ни ја крши шијата.

Зошто? Затоа што решила од гулаб на гранката да прави врапче во дланката!

Но, таа работа не ја бива. Нит сосила убавина бива, нит сосила бериќет бидува. Баталете ја таа работа, браќа или први братучеди – сеедно, дајте да го проживееме животецов, зашто друг резервен немаме.

И при последното излегување на гласачките кутии, самите се уверивте дека производството Бугари е неисплатлива работа, промашена инвестиција: просечниот Македонец можеш да го скршиш, но не можеш да го свиткаш!

Зошто е тоа така? Затоа што сте скарани со фактите. Ние имаме заедничка историја, имаме дејци кои се запишувале како Бугари, а работеле за самостојна Македонија. Имаме и Македонци кои стасале до највисоки позиции во бугарското општество низ поновата историја, кои се декларирале и однесувале како поголеми папи и од самиот свет отец! Но, тоа не е прашање на чувство и припадност, тоа е синдром на општа конјуктура, на јаничарење.

Вашата столица ја сакам како и мојата. Вашето радио Дарик, го сакам како и моето Супер радио. Сме соработувале, сум ви доаѓал и испраќал благонадежни пораки од студиото. Сум имал пријатели Бугари, вистински браќа. Еден ми го однесе короната, Стефан Велев. Порано ми замина и Красимир Узунов. Колку убави вечери сме минале во ресторанот на Пендо „Света Софија“. Тоа дека работел за Американците, за мене е исто како да работел и за Китајците!

Нит Стефан Велев, нит Красо Узунов беа јаничари. Немаа потреба. Но, многумина Македонци во Бугарија, имаат таква потреба. Ќе ви посведочам два примера. Во овој случај, имиња нема да споменувам. Во една прилика, како гости на БТА, нè однесоа на една ливада со каранфили. Под мирисот на еден ѓул трендафил, тогашниот директор (ова е од времето на советскиот лагер во кој Бугарија беше круната или цвеќето) на увце ми ја испеа песничката „Јас сум право Македонче“.

Во друг случај, на улицата Славјанска, на еден прием во „Софија прес“ на Стефан Велев, еден друг првенец (на Бугарскиот олимписки комитет) и зет на првиот меѓу еднаквите во тоа време на увце ми ја испеа песната „Јас сум момче од Прилепа града“.

И уште еднаш – баталете ја таа работа, дајте да го проживееме животецов, тој ни е единствен и никој досега немал поправен испит за грешката што не го искористил како треба.

Баталете ја Коминтерната. Ајде, ќе го заборавиме и Георги Димитров, чија фотографија (портрет) ја пронајдов во војничкиот куфер на мојот родител. Ниту Македонија е коминтерновска направија, ниту Бугарија е посестрима на старата дама Европа.

Македонија, Република Македонија, односно Македонците се коминтерновска направија, колку што Бугарија и Бугарите се Французи, колку и да се заблагодаруваат со „мерси“!

Политиката што денес ја тера официјална Софија, е дибидус иста, копи пејст од времето на Коминтерната. Ајде, заеднички да им се поклониме на фактите:

После апсењето на Лазар Колишевски во Охрид и судењето во Охрид (познато е кој и зошто го поткажа), бугарските комунисти од БРП се служеа токму со авторитетот на Коминтерната (Бојан Блгаринов). Тие се освестија од длабокиот сон дури после падот на Сталинград. Но, веќе беше доцна.

Зошто? Затоа што Коминтерната ја усвои линијата на вооружена борба против фашизмот, а бугарските „ослободители“ во Македонија, собираа „воени обврзници“ за борба на страната на фашизмот. Затоа што фашистичка Германија во Софија вмаршира како во сојузничка земја (и формално, со одлука на Парламентот во столицата), а „ослободители“ имаше од Словенија, преку Хортиева Унгарија, до Македонија, вклучително и Војводина, Косово и во Србија.

Фашистичка Германија беше инструментот преку кој се остваруваше бугарскиот „национален идеал“. Фактите се дека тогашниот сојузник на фашистичка Германија ја ослободил и Србија, или делови од Јужна Србија. Уште повеќе – Србија и Бугарија водеа и војни за поделба на Македонија, за што во Првата или Големата војна, токму за тоа Бугарија доживеа пораз и капитулација.

Каде е проблемот? Во Коминтерната? Не, туку во одлуката на македонските комунисти, наместо „обврзници“ во бугарските единици, да одговорат со контрамобилизација и да бегаат во планините. Јас самиот сум роден во куќата, во која, од Охрид, побегнал Петре Пирузе Мајски за во Дебрца да го организира партизанското ослободително движење. Од кого? Па, Бугарите беа во Охрид, забога!

И што е тука коминтерновско? Ништо повеќе од ставот – Македонија (додуша, според нив – „српска“) треба да биде база на движењето (покретот), а партизанското движење – главно средство на ослободителната војна. Ослободување, од кого? Ако од овде извира тезата за Македонија како коминтерновска творба, тогаш – пеќим!

Како можат нашите родители да заборават дека овде се вршеше присилна мобилизација, на која беше одговорено со контрамобилизација, со саботажи, со борба против окупаторот. Кој беше тој?

Ајде да видиме што пишува идеологот меѓу бугарските комунисти од периодот на војната, Цола Драгојчева (стр. 35, „Победата“, 1979 година, Софија, „Партиздат“): „ЦК на БРБ спокојно и со нужно уважување, но, доволно јасно и недвосмислено, му предлага на ЦК КПЈ, да го признае правото на македонското население на самоопределување!“.

Па, тоа беше и ставот на ЦК КПЈ, инаку немаше да ја има Македонија. Само што тука има една „малка“ разлика: ЦК КПЈ пишува за македонскиот народ, а Цола Драгојчева за македонско население. Зошто? Затоа што ставовите на БРП беа истоветни со ставовите на големобугарската буржоазија! Дури е тоа политика идентична на онаа на монархофашистичкиот режим! Но, кој да им го каже тоа денес на младите поколенија во Бугарија? Како може да има национално ослободување на една земја со присоединување кон друга земја!? Бугарските војски „ослободија!“ и дел од Србија, зошто и таму не побараа присоединување?

Цола Драгојчева се залага за „национално ослободување, односно за самоодредување на својата судбина во слободна, единствена и неделива Македонија на населението во Македонија“, ама, „не би било ништо необично таквата самоопределена Македонија да побара единство со Бугарија!“. Контрадикторност, до контрадикторност!

Терминот што денес се ползува во Бугарија за „антибугарско расположение“, е, исто така, термин на Цола Драгојчева. Таа го измисли и го употребува против Лазар Колишевски и Светозар Вукмановиќ Темпо. Терминот „администрација“ е исто така „изум“ на Цола Драгојчева, која, за окупацијата ќе напише „продолжување на бугарската администрација и бугарските воени власти“. Некаде ја користи формулацијата „бугарски воени гарнизони во Вардарска Македонија“.

Поврзани содржини