Произведуваме вкусен зеленчук, а јадеме увезен со понизок квалитет

Моменталната откупна цена за доматите изнесува 50 денари за килограм, за краставиците 20-25 денари, а за пиперките 20 денари за килограм. Зелката се откупува по цена од 20 до 25 денри за килограм.

912

Првите откупени количини раноградинарско производство ги отворија старите рани на земјоделците поврзани со производството и откупот. Тие и годинава забележуваат на цените кои се менуваат зависно од желбата на откупувачите и на зголемените трошоци на производството. Според нив, нерегулираниот пазар и температурните разлики влијаеле да се намали производството за 40 отсто со што и нивните приходи поради загубите од постигнатите цени ќе бидат помали од претходните години. Откупувачите, пак, тврдат дека понудата ја определува цената по која ги откупуваат производите.

Моменталната откупна цена за доматите изнесува 50 денари за килограм, за краставиците 20-25 денари, а за пиперките 20 денари за килограм. Зелката се откупува по цена од 20 до 25 денри за килограм. Ваквите цени според земјоделците не ги покриваат трошоците на производството бидејќи тие растат секоја година, а откупните цени или стагнираат или се пониски од година во година.






На зелените пазари во земјава цените на овие производи се двојно и повеќе повисоки. Така цената на доматите се движи од 80 до 120 денари, на зелката од 35 до 50 денари, на пиперот зависно од тоа дали е лут или благ или бел или црвен. Цената на белата пиперка се движи од 140 до 197 денари, а лутата од 120 до 137 денари.

– На зелените пазари покрај домашните раноградинарски култури од кои во овој период има мали количини, главно се продаваат увезени и тоа претежно од Албанија и можеби Турција каде што тие стасуваат порано. Но не може да се зборува за квалитетот на домашното производство со увезеното, но тоа му конкурира на домашното производство со цената – вели Екрем Долек од Комората на пазарџии.

Откупувачите и производителите на раноградинарски култури, сепак, велат дека цената на првите количини на откупени домати, пипер и краставици од домашно производство не ја отсликува реалната состојба на откупни цени кои ќе се постигнат во екот на сезоната кога и понудата ќе биде поголема.

– Рано е да се каже дека моменталната цена на раноградинарските култури е ниска или висока, бидејќи ние неа ја споредуваме со производната цена која ја формираме по извршената берба кога и приходите ќе ги споредиме со трошоците направени во производството. Трошоците за раноградинарските култури кои се одгледуваат во пластеници и оранжерии се повисоки. Меѓутоа, секогаш откупните цени се повисоки на почетокот на сезоната, а потоа се намалуваат – вели Ристо Велков од Сојузот на синдикати на земјоделски производители од Струмица.

Сличен е ставот и на откупувачите.

– Пред празниците откупните цени беа повисоки, но тоа се должеше на почетното производство. Но, деновиве производството стасува и нормално е да има одреден пад на откупните цени – вели трговец.

Велков, кој заедно со голем број земјоделци, години наназад повикува на подготовка на национална стратегија за земјоделство во која директно ќе бидат вклучени и земјоделците, вели дека градинарите секоја година го намалуваат производството, а сѐ помалку им млади земјоделци.

– Годинава кај сите култури ќе има намалено производство за 40 отсто. И тоа не е последица само на намалените приноси поради температурните разлики и климатските промени, туку и начинот на производство кој слабо се осовременува и воведува новини, и намалените површини под овие култури како последица не само на стареењето на земјоделците туку и како резултат на нерешените проблеми кои секоја година се натрупуваат и не се решаваат. Токму нерешените проблеми влијаат младите да не продолжуваат да се занимаваат со земјоделство. Така сега најмладите градинари се со над 50 години – вели тој.

Според него, за прилагодување на земјоделството на новите услови е потребно да се анализираат три прашања.

– Прво, зошто се намалува производството. Второ, какво е домашното производство и каква е старосната структура на земјоделците и трето и последно какви производи увезуваме. Сето тоа ќе даде слика на земјоделството што го имаме и ќе ги отвори проблемите кои треба да се решат за да се излезе од ситуацијата која е неповолна и за земјоделството и за државата – вели тој.

Земјоделските здруженија се незадоволни од начинот на кој се решаваат проблемите во овој сектор. Главно без нивно учество во донесувањето на клучните одлуки кои ги допираат нив и нивното производство.

Поврзани содржини