ПРОФЕСОРОТ ДАРКО ДАНЕВ – КАНДИДАТ ЗА РЕКТОР НА УКИМ Има визија за модерен и меѓународно конкурентен универзитет
Во својата кандидатура, Данев најавува визија за УКИМ како модерен, отворен и меѓународно конкурентен универзитет, со фокус на дигитализација, унапредување на квалитетот на наставата, поврзување со индустријата и поголема поддршка за студентите и младите истражувачи.
Професорот од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Дарко Данев, официјално поднесе кандидатура за Ректор на УКИМ за мандатниот период 2026 – 2029 година, по објавувањето на огласот за избор на нов ректор.
Данев во академската и пошироката јавност е препознаен како долгогодишен универзитетски професор и поранешен декан на Машинскиот факултет, функција што ја извршуваше во два мандата (2016 – 2023). Во тој период реализираше значајни институционални реформи и конкретни резултати, меѓу кои се издвојуваат вработување на 47 нови кадри и подмладување на наставниот и административниот состав, како и трајно решавање на долгогодишниот имотно-правен статус на факултетот.
Во неговиот мандат беше спроведена и целосна реорганизација на просторот, со отворање нови кабинети и лаборатории, како и обезбедување објект за времено користење од страна на ФИНКИ, со што се ублажија просторните предизвици со кои се соочуваше овој факултет.
Особен акцент Данев ставаше на студентите и условите за нивно образование. Тој воведе факултетски стипендии за најдобрите бруцоши, кои се доделуваа преку иновативен концепт на тестирање „60 прашања за 60 минути“, овозможувајќи поддршка и признание за најквалитетните кандидати. Во насока на поголема инклузивност, на факултетот беа инсталирани лифт и адаптирани санитарни јазли за лица со попреченост.
Во неговиот мандат беше реконструиран и проширен компјутерскиот центар со капацитет од 70 места, и беа набавени околу 200 нови компјутери за студентите и за кадарот. Во истиот период, Машинскиот факултет организираше и повеќе масовни и значајни настани, меѓу кои и одбележувањето на 60-годишнината, свечени доделувања на дипломи и индекси, со учество на истакнати личности од стопанството и јавниот живот.
Проф. д-р Дарко Данев е роден во 1971 година во Скопје, а целата своја академска кариера ја градел на УКИМ. Има остварено бројни студиски престои и специјализации во странство, меѓу кои во Шведска (Volvo), Германија (TU Braunschweig и TU Stuttgart), САД (FSU), Белгија (Vrije Universiteit Brussel) и во Јапонија (Kyushu International Center).
Активно е вклучен во повеќе домашни и меѓународни тела и организации, како што се American Society of Automotive Engineers (SAE), EUREKA High Level Group, како и во експертски и советодавни структури поврзани со енергетиката и технолошкиот развој.
Во својата кандидатура, Данев најавува визија за УКИМ како модерен, отворен и меѓународно конкурентен универзитет, со фокус на дигитализација, унапредување на квалитетот на наставата, поврзување со индустријата и поголема поддршка за студентите и младите истражувачи.
Програмата за работа која професорот Данев ја има поднесено на Конкурсот за Ректор содржи и Воведно обраќање до колегите насловено: Од „УКИМ – набљудувач“ до „УКИМ – создавач“ што е негова мотивација за поднесување на кандидатирата.
„УКИМ има капацитет да биде двигател на развојот на државата. Мојата цел е да изградиме универзитет кој ќе биде препознатлив по знаење, иновации и вредности, и кој ќе ги задржува и развива најдобрите млади кадри“, наведува Данев.
Со оваа кандидатура, тој се вклучува во трката за прв човек на најстариот и најголем универзитет во државата, со јасна амбиција да го унапреди неговиот институционален и академски развој во наредниот период.