Генерално, балканските земји ја добија оваа битка со Ковид-19, а одредени прогнози покажуват дека епидемискиот бран би требало да заврши до крајот на месец мај или во почетокот на јуни, вели во интервју за Агенција Анадолија (АА) проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог и раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика на Медицинскиот факултет при УКИМ.
Во однос на прашањето зошто во балканските земји бројот на заразени од Коид-19 и бројот на смртните случаи се помали отколку во другите поголеми и поразвиени земји во светот, проф. д-р Данилоски појаснува дека најверодостоен показател на динамиката на пандемијата не е бројот на заразените, туку бројот на смртните случаи, затоа што бројот на заразените зависи од бројот на тестираните лица.
Според неговото мислење, една од причините за ниската стапка на смртност предизвикана во земјите во регионот може да е и фактот што сите балкански земји до пред триесетина години имаа социјалистичко општествено уредување, со централизирани здравствени системи, во кои беа задолжителни вакцинации на населението против многу заразни болести. Истовремено, тој надополнува дека богатите западноевропски земји и САД имале релативно полиберални здравствени системи и во најголем дел од нив вакцинациите не биле задолжителни.
– Во тој контекст, се појавија интересни претпоставки, дека сите популации во кои била задолжителна вакцината против туберкулозата (BCG) или детската парализа (полиомиелитис) по правило сега имаат пониски стапки и на заболени и на умрени од ковид-19. Можно е да е така. Се претпоставува дека кај такви лица имунолошкиот систем има поголема реактибилност при инфекција со новиот коронавирус, т.е. тој ќе развие повисок титар на одбранбени антитела, во споредба со имунолошките системи на оние кои не биле вакцинирани. Врз основа на оваа логика, во Австралија започна проспективна студија во која ќе се проверува протективната моќ на BCG-вакцината. А во Германија масовно се вакцинираат повозрасните категории на граѓани против пневмокок (streptococcus pneumoniae), чест предизвикувач на пневмонии, за индиректно да се зајакне нивниот имунолошки систем – истакнува проф. д-р Даниловски.
Проф. д-р Даниловски е со став дека основната цел во борбата против коронавирусот е постигната со тоа што не е пречекорен капацитетот на здравствениот систем во земјава.
– Покрај сите „несовршености“ во спроведувањето на рестриктивните мерки (на пример, неблаговремено целосно затворање на границите, доцнење со мерката задолжително носење на маски итн.), сепак мислам дека основната цел сите успеавме да ја постигнеме, а таа е израмнување или растегнување на епидемиската крива, за да не се дозволи пречекорување на капацитетот на здравствениот систем. Пожарот не прерасна во огнена стихија – вели тој.
Исто така, toj додава и дека ефектите ќе беа подобри ако паралелно со рестриктивните мерки се спроведуваше и рано, што помасовно тестирање на популацијата (пред сè, ризичните групи), со помош на брзи серолошки тестови, заради детектирање на скриени кластери на инфекции, со цел тие што порано да се изолираат.