Професорката Котлар на Фејсбук: Ужасно лого, небаре автомобилска табличка, македонските чествувања, не се и „северни“!
Не може ни референдумскиот скандал на силување на демократијата („балкански начин“) од 30.9.2018 г, ни сомнителните уставни измени да ѝ дадат живототворност на „Северна“ (2019). Духот македонски е посилен, дури од „северниот“!, пишува професорката Котлар.
Универзитетската професорка Наташа Котлар на Фејсбук реагира на логото во пресрет на 30 годишнината на независна Македонија, а кое денеска го промовира Владата.
Ова лого предизвика многу реакции на социјалните мрежи, настрана што Владата тврди дека на него не било отсликано државното знаме, иако претходно владините портпароли кога го промовираа рекоа дека дизајнот на логото е инспириран од македонската државност, од денот кога граѓаните одлучија да имаме независна Република Македонија.
– На традиционалната, историски заснована, национална, црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30 годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност – рекоа владините портпароли пред да се случат реакциите.
По реакциите тврдеа друго, дека било различно сонцето на логото, со она на државното знаме, наивно верувајќи дека ги убедиле граѓаните во својата вистина:
– Логото за јубилејот „30 години независност“ е составено од повеќе елементи, меѓу кои и сонцето. Логото не го содржи државното знаме. Сонцето кое е употребено во логото е различно од сонцето од државното знаме. Користењето на државното знаме е јасно уредено со Закон – велат од Владата.
Во продолжение реакцијата од професорката, на која коментира и професорката Виолета Ачкоска која напиша дека логото е „примитивизам и недорастеност“:
„Ужасно лого, небаре автомобилска табличка! Не може со намерно лажење, мистифицирање да се замени името на државата „Република Македонија“ со „Северна“.
Последнава има свој датум – 18.6.2018 г. и толку! 8-ми Септември е датум на македонската независност. Не може само заради една непримерна Спододба, во која стои именување „Втора страна“ да припаднеме, да го загубиме здравиот разум, нашето име и нашата, македонска историја и иднина.
Исто така, не може ни Референдумскиот скандал на силување на демократијата („балкански начин“) од 30.9.2018 г., ни сомнителните уставни измени да и’ дадат живототворност на „Северна“ (2019). Духот македонски е посилен, дури од „северниот“!
На 8 септември 1991 година во Македонија се одржа референдум за суверена и независна Македонија. На гласањето од вкупниот број на жители со право на глас 95,25 % одговорија позитивно за осамостојување на Македонија.
За споредба, во Словенија на референдумот за осамостојување овој процент изнесува 88,5 %. Оттука, датумот 8 септември станува особено значаен во поновата историја на македонскиот народ. Врз основа на резултатите од референдумот, десетина дена подоцна, Собранието на Република Македонија, на својата седница од 17 септември 1991 г., усвои декларација со која Македонија е прогласена за суверена држава, со што се заокружени легалните аспекти на независноста.
Во хронолошки ред, на 17 ноември 1991 г., Собранието на Република Македонија го усвои и го изгласа Уставот на Републиката, а еден месец подоцна, на 17 декември 1991 г, Собранието на Република Македонија усвои Декларација за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава, барајќи меѓународно признавање. Македонските чествувања, не се и „северни“!“, реагира професорката Котлар.