ПРОФ. ТРАЈКОВСКИ ГО ОТКРИ НОВИОТ ПИК Наскоро по 2.000 заразени дневно со ковид-19

Професорот пишува дека турканиците на вакциналните пунктови, еден ден по донесувањето на одлуката, покажуваат дека на луѓето им е поважно одењето во кафеани од сопственото здравје (или пак досега не верувале во коронавирусот, па вакцината ја доживуваат како обична формалност за одење на свадба).

1,888

Наместо да започне да опаѓа, ефективниот репродукциски број Rt продолжува да расте и ја проби дури и психолошката граница од 3,0. Во други земји од овој бран обично неговата вредност започнала да се намалува по достигнувањето на тројката, но кај нас нема гаранција, пишува професорот на Техничкиот факултет во Битола Дејан Трајковски во најновата анализа за состојбата со коронавирусот во земјата.

Предупредува дека со ваков раст на бројките за седум дена може да очекуваме и по 2.000 заразени дневно. Наместо средината на септември, сега проценките на Трајковски се дека врвот на заразени ќе биде за максимум две недели.






– Во Тетово дури и да се стабилизира, во Скопје, Гостивар и Куманово веќе гори, а допрва еден по еден ќе избувнуваат и градовите на истокот и југот на земјата. Сè уште не сме достигнале ни половина од максималните дневни бројки, а 2.000 нови случаи дневно се на дофат на раката, под услов да се држи чекор со тестирањата. При ваква висока преносливост веројатно пикот ќе го видиме со поголеми бројки уште порано, можеби околу 1 септември. Фрапантна е незаинтересираноста на властите да го обуздат растот, се чини како да посакуваат врвот што побргу да настапи, без разлика на дневните броеви, а тие ќе бидат досега невидени кај нас – напиша професор Трајковски.

Тој прашува со која памет ќе ги тераат наставниците да одат на работа (колку да не седат дома и „да си ја оправдале платата“), кога таму освен размена на вируси немаат никаква друга работа пред 1 септември, а веројатно и потоа. Барем тие можат да седат дома и колку-толку да ја намалат преносливоста, но изгледа дека од тоа нема ништо да биде. Луѓето ќе се заразуваат, ќе го носат вирусот дома, ќе создаваат нови страдања, а сето тоа без никаква потреба и се разбира никој нема да одговара за тоа.

– Јас лично веќе со денови избегнувам продавници со многу луѓе, а наскоро ќе започнам со телефонски порачки и преземање на производите на улица, целосно избегнувајќи вдишување контаминиран воздух. Подобро и така, отколку да се заразиме па да бараме помош од комшии и пријатели за домашна достава, сме го поминале тоа. Ова нема вечно да трае, за 2-3 месеци би требало да излеземе од овој, но и есенскиот бран. За толку ќе издржиме – пишува проф. Трајковски.

Доколку услов за одење на свадба во затворен простор беше вакцинираноста со две дози и изминати две недели по втората доза, тоа би имало логика и некаков ефект врз намалувањето на преносливоста на вирусот и зауздувањето на епидемијата, пишува професорот Дејан Трајковски.

– Вака, одењето на свадба по само една примена доза, без ден чекање, нема апсолутно никаква епидемиолошка ни здраворазумска логика, освен да се сфати како начин луѓето да се мотивираат или наградат за вакцинацијата. За ограничување на растот на бројките не станува ни збор. Напротив, луѓето дополнително ќе се охрабрат за разуздано однесување и ќе ја разгорат епидемијата. Од каде им текнуваат само вакви работи – вели професорот.

Трајковски пишува дека турканиците на вакциналните пунктови, еден ден по донесувањето на одлуката, покажуваат дека на луѓето им е поважно одењето во кафеани од сопственото здравје (или пак досега не верувале во коронавирусот, па вакцината ја доживуваат како обична формалност за одење на свадба).

– Во меѓувреме, здравствените власти повторуваат како расипана грамофонска плоча: „Граѓаните се виновни поради непочитување на превентивните мерки“. Всушност власта е таа што е виновна, затоа што дозволува собирање во затворени простории и тоа без маски и одржување минимално растојание – пишува професорот Трајковски.

Поврзани содржини