ПРОЕКТОТ „ГРАНД СКОПЈЕ“ ПАК ГИ БРАНУВА ДУХОВИТЕ Јана Белчева не им дава шанса на новомаалци да излезат од калта?!
Инвеститорот, компанијата МГ Фешн, вели дека „Гранд Скопје“ ќе биде урбан и зелен комплекс со модерни објекти и во интерес на сите граѓани. „Шанса за Центар“ бара градоначалникот на Центар да го стопира проектот. Новомаалци се бунтуваат против, како што велат, манипулациите на Јана Белчева.
По соопштението на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, во кое се тврди дека Основното јавно обвинителство, Владата и општина Центар не преземаат ништо за сопирање на потенцијално нелегалната градба пред „Холидеј ин“, со остри деманти се огласија инвеститорот „МГ Фешн“ и претставници на жителите на Ново Маало.
„Шанса за Центар“ го повикуваме OJO конечно да постапи по преставката од ДКСК во врска со „нелегалното носење на ДУП“ на Општина Центар. Градоначалникот на општина Центар мора да издаде привремена забрана за градењеи може да ги врати уплатените комуналии за овој објект, смета оваа организација.
Во врска со наводите изнесени во соопштението на „Шанса за Центар“ дека дозволата за градба на парцелата 1.1 спроти „Холидеј Ин“ е нелегална, МГ Фешн ја известува јавноста дека градежната дозвола е целосно усогласена со сите правни нормативи во земјата, а воедно истата е и правосилна, како што е легален и ДУП-от врз основа на кој е издадена.
„Ја замолуваме иницијативата Шанса за Центар да не изнесува невистини во јавноста, за целосно легитимна правна постапка. Станува збор за постапка која е започната пред многу години и во истата нема никакви правни недоследности. Потсетуваме дека МГ Фешн правото на сопственост го има стекнато со откуп на приватен имот и дооформување на парцела, односно откуп на државно земјиште од Министерството за транспорт и врски во 2018 година, а за откупот позитивно мислење има издадено и Државното правобранителство“, се вели во соопштението на инвеститорот.
Согласно членот во Законот за урбанистичко планирање на кој се темелеше иницијативата за суспензија на проектот, објаснува инвеститорот, треба да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена при спроведување на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување.
„Ваква штета не е докажана, а воедно на овој начин одредбите од законот се злоупотребуваат за цели кои се во спротивност со јавниот интерес и правата на граѓаните. Гранд Скопје ќе биде урбан и зелен комплекс со модерни објекти и во интерес на сите граѓани, воедно потсетуваме и дека истиот ќе биде со 40% искористеност од максимално дозволените урбанистички параметри во актуелниот ДУП. МГ Фешн, како општествено одговорна компанија, во рамки на овој комплекс предвидува и јавен простор со површина од 7.500 квадратни метри како донација кон градот и сите граѓани, а за чие идејно решение ќе биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар“, се вели во соопштението на инвеститорот.
И жителите на Ново Маало се крајно револтирани од постапките на советничката група на „Шанса за Центар“ и од Јана Белчева, кои, како што велат новомаалци, продолжуваат да ги манипулираат граѓаните на Центар.
„Неверојатно е како продолжуваат да ни оневозможуваат на нас граѓаните од Ново Маало да си ги оствариме нашите права, токму како што Белчева си ги остварува своите. Белчева, од удобноста на својот дом, заради политички поени, спречува ние да имаме хумани услови за живот, но пострашно од тоа е што лицемерно се бори само против нашите градби, додека премолчува градби кои се од нејзин личен интерес“, се вели во дописот од Ново Маало.
Новомаалци велат дека се крајно револтирани од ваквиот однос и во следниот период ќе ги изнесат на виделина сите манипулации кои ги прави Белчева и се прикажува како наводен борец за хумана животна средина, додека самата ги ужива поволностите на градењето за свои потреби.
„Ги повикуваме веднаш да се повлечат од идејата за понатамошни блокади, бидејќи со почетокот на градбата на проектот, ние, жителите на Ново Маало во целост ги решаваме 50-годишните проблеми кои генерации од нашите семејства не успеваа да ги надминат. Доста ни е живот во кал и нерешени основни комунални проблеми во сред Центар на градот“, се вели во дописот до медиумите од жителите на Ново Маало.