ПРОЕКТОТ Е-САНДАЧЕ Е ВО ТЕСТ-ФАЗА Се крчка и апликацијата за е-услуги заедно со проектите е-киоск и е-бебе
Искуството од другите држави вели дека минимум на шест месеци има нова верзија на апликацијата, подобрувања, нови услуги итн., но мора да започнеме од некаде и во февруари ќе ја имаме апликацијата со два лични документа (лична карта и возачка дозвола во еле, изјави министерот за дигитална трансформација во ТВ гостување.
„Три месеци пред истекот на вашата лична карта, ние автоматски ви испраќаме на вашето сандаче (а информацијата стигнува и на вашата мејл-адреса) дека ви истекува личната карта за одредено време и дека можете да си ја обновите, да закажете обновување на следниот линк“.
Вака изјави вечерва министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, објаснувајќи ја функционалноста на алатката „е-сандаче“.
Со воведувањето „е-сандаче“, државата, како што објасни Андоновски, може директно електронски да комуницира со граѓаните за опомени, документи, предупредувања за истекување на одредени рокови.
Во гостување на „360 степени“ министерот нагласи дека „е-сандаче“ значи државен инбокс и електронска адреса на граѓаните во дигиталниот свет.
– Идејата е да се искористи за директна комуникација со граѓаните и тогаш кога тие немаат побарано услуга. Периодов проектот е во тест-фаза, во која системот успешно се справил со автоматско испраќање информација за истекување лични карти. Сега, три месеци пред истекот на вашата лична карта, ние автоматски ви испраќаме на вашето сандаче (а информацијата стигнува и на вашата имејл-адреса) дека ви истекува личната карта за одредено време и дека можете да си ја обновите, да закажете обновување на следниот линк. На овој начин сакавме да покажеме колку е ефикасен овој модел и за 300.000 граѓани тоа веќе е овозможено затоа што се корисници на националниот портал – истакна Андоновски и дополнува дека пораката што стигнува до граѓаните содржи линк кој го носи корисникот кон страницата на која се закажува термин за обновување лична карта.
„Е-сандачето“, според министерот, ќе понуди и други можности за граѓаните и институциите.
Во врска со „е-киоск“, објасни дека луѓето кои дома немаат интернет, принтер или компјутер, на кој било киоск ќе можат со неколку клика да дојдат до потребната услуга и да платат веднаш.
– Во моментов има само еден функционален „е-киоск“ што се наоѓа во Министерството за дигитална трансформација, а очекувањата се дека во февруари ќе пристигнат и други апарати што ќе бидат поставени на фреквентни локации. Сметавме дека ова ќе биде нова додадена вредност зашто во градовите каде што нема центри за услуги или на местата со голема фреквенција на граѓани ќе може да се користи брзо оваа услуга 24 часа, седум дена во неделата. Не зависите ни од работно време, ни дали некој вработен може да ве услужи и ќе ги намалиме и метежите коишто се создаваат – нагласи Андоновски.
Прашан за „е-Услуги“, информира дека апликацијата ќе нуди и електронски услуги и лични документи – лична карта, пасош, дипломи за завршено образование, уверенија,…
– Целиот изминат период работевме на средување на таа прва фаза на апликацијата. Во разговор со економските оператори, со ангажираните лица кои работат на неа, ќе ја имаме верзијата за симнување на Play Store и на Apple Store во текот на февруари. Ова ќе биде проект што ќе се развива, нема да биде еднаш засекогаш. Искуството од другите држави вели дека минимум на шест месеци има нова верзија на апликацијата, подобрувања, нови услуги итн., но мора да започнеме од некаде и во февруари ќе ја имаме апликацијата со два лични документа (лична карта и возачка дозвола во електронски формат) и, како што ветивме, три (ја зголемуваме бројката) услуги коишто ќе бидат стартно достапни – рече министерот.
За проектот „е-бебе“ што треба да го автоматизира пријавувањето новороденчиња и издавањето прв извод, Андоновски истакна дека моментно се прави тестирање.
– Мислам дека на 1 март ќе имаме функционалност во една, најголемата болница – таргетот е тоа да биде Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, зашто имаме одлична соработка со Клиниката. Поентата е додека мајката е сè уште во болница, да го добие првиот извод од новороденчето на апликацијата – подвлече министерот.