ПРОЕКТИ, АМБУЛАНТА И НОВИ МОЖНОСТИ Мицкоски ветува подобар живот во Шуто Оризари
Мицкоски најави дека времето кога општината се третирала како приватна фирма на неколкумина завршува. Тој ги повика граѓаните да гласаат мудро на локалните избори и да го изберат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ерџан Демир.
На предизборниот митинг во Шуто Оризари, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека општината ќе стане пристојно место за живеење, со решавање на инфраструктурни проекти и создавање квалитетен живот за жителите.
– Многу ми е драго што сум тука, во место со многу проблеми, но со големо срце и душа. Долго време оваа општина беше маргинализирана, газено беше достоинството на луѓето, но тоа мора да заврши. Шуто Оризари мора да оди напред, да решава крупни проблеми и да ги направиме животните услови подобри – изјави Мицкоски.
Мицкоски најави дека времето кога општината се третирала како приватна фирма на неколкумина завршува. Тој ги повика граѓаните да гласаат мудро на локалните избори и да го изберат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ерџан Демир.
– Овој пат веќе не треба да се прифаќаат непринципиелни понуди и поткупи. Ветувам работа и решавање на проблемите со кои секојдневно се соочувате. За иднината на вашите деца, за квалитетен живот и проекти што навистина се реализираат – рече Мицкоски.
Меѓу најавените проекти се, изградба на амбуланта во Шуто Оризари за подобар здравствен третман на жителите. Продолжување на соработката со градот Скопје и Владата за инфраструктурни подобрувања.
Кандидатот за градоначалник Ерџан Демир истакна дека неговата цел е реална промена, а не празни ветувања:
– Другите велеа дека ќе направат „мал Париз“ или „Дубаи“ во Шуто Оризари, но ние ветуваме и реализираме. Заедно со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ќе направиме општината средена, чиста и безбедна, со подобри услови за живот – изјави Демир.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, порача дека жителите заслужуваат чесна и транспарентна локална власт, која ги решава вистинските проблеми.
– Со поддршка на Владата и новата локална власт, Шуто Оризари ќе добие инвестиции во инфраструктурата и јавните услуги. На изборите излезете и гласајте за иднината на вашето маало, за број 9 и Ерџан Демир – рече Мисајловски.