Продолжува тестирањето на Платформата за онлајн учење, вчера се најавиле 88.000 корисници

Продолжуваме посветено да работиме на подобрување на корисничкото искуство на сите корисници на Платформата, наведено е во соопштението од МОН.

436

Како што беше најавено во текот на вчерашниот ден, кога започнавме со тестирање на Националната платформа за учење на далечина, овој процес е во тек и ќе продолжи интензивно да се одвива и во наредните денови, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

„Со задоволство ве информираме дека само во текот на вчерашниот ден, на Платформата беа најавени над 88.000 активни корисници. Истите придонесоа за успешно идентификување и дефинирање на предизвиците кои произлегуваат од оптоварување на Платформата во оваа фаза на нејзина имплементација. Резултатите од тестирањето на терен се целосно сондирани, и е започната оптимизација на ресурсите во сите три кластери на сервери (серверите за базите со податоци (database servers); серверите за балансирање на оптоварување (load balancer), и серверите за опслужување на корисниците (web servers). Тестирањето продолжува и во текот на денешниот ден. Како резултат на истото, посочуваме дека е возможно повремено да добивате порака за грешка при поврзување со базата (error database connection), што е очекувано во предметната фаза на тестирање“, се вели во соопштението.






Овој процес, наведено е таму, ќе помогне не само за успешно ставање на Платформата во функција, туку и ќе поддржи изградба на интероперабилност помеѓу различните системи во рамки на Министерството за образование и наука, во насока на ефективно следење на секој ученик во текот на целокупниот процес на негово образование.

„Нашата крајна цел е не само да овозможиме континуитет на образовниот процес во вонредни околности, како што е тековниот со пандемијата со ковид-19, туку да создадеме солидни темели за понатамошно унапредување на квалитетот на целокупниот образовен процес во земјата. Ве охрабруваме да продолжите со поврзување на Националната платформа за учење на далечина и во наредните денови, и редовно да ги следите новите содржини кои ги поставуваме на главната страница (www.schools.mk). Продолжуваме посветено да работиме на подобрување на корисничкото искуство на сите корисници на Платформата“, наведено е во соопштението од МОН.

Поврзани содржини