За очекување е дека Александар Николоски не може да разбере што значи кога луѓето се задоволни од твојата работа, тој впрочем никогаш ништо не работел. Откако на свои 24 години станал пратеник и политичар, единствено заработувал од даноците на граѓаните и со друго не може да се пофали, реагираше носителот на ИЕ 4 на СДСМ, Венко Филипче, на интервјуто на Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој го обвини поранешниот министер за здравство дека ја злоупотребува судбината на пациентите.
„Во дваесетина години колку што е во политиката никој не памти ниедно позитивно дело на Александар Николоски. Затоа не може да ја разбере поддршката која природно доаѓа од луѓе кои го ценат она што сум го сработил. Јас на почетокот на кампањата реков дека треба да го подигнеме нивото на комуникација, но очигледно Николоски нема капацитет тоа да го разбере. Александар Николоски е еден од најодговорните за директно лажење и манипулирање со граѓаните за време на ковид кризата. Преку свесно плашење на и онака исплашените граѓани, тој имаше единствена цел политички да профитира. Е тоа е злоупотреба“, се наведува во реакцијата.
Филипче додава дека Николоски е единствен политичар, кој ни помалку ни повеќе, го имаат демантирано Обединетите нации во неговиот „занес на лаги“.
„Додека ние секојдневно се обидувавме да ги смириме луѓето, додека со целиот тим во клиниките се боревме за секој живот, Николоски коваше планови како да смисли нова манипулација за прес-конференција. Тоа е неговиот придонес“, реагира Филипче на изјавата на Николовски.