ПРОДОЛЖУВА НЕЗАКОНИЕТО ВО ЧАШКА Просветниот инспекторат е заробен од ДУИ, обвинува Левица
Инспекторот констатирал дека во училиштето се запишани пет ученици-Албанци и врз основа на таа констатација бара измени во Статутот на училиштето! Од каде и како се создале тие пет ученика – прашува Левица.
Откако состојбите во ООУ „Тодор Јанев” во населба Чашка ескалираа во протести на родителите што доведе до состојба во училиштето да не се организира настава со недели, Левица поднесе Барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот просветен инспекторат – соопшти партијата.
„Државниот просветен инспектор – Сенад Сулејмани, наместо да изврши увид во посочените неправилности како непочитување на реонизација, непочитување рокови за упис на ученици во прво одделение, непочитување на Статутот на училиштето, единствено ја констатирал состојбата дека во училиштето се запишани пет ученици-Албанци и врз основа на таа констатација бара измени во Статутот на училиштето!
Од каде и како се создале тие пет ученика? Тие не се запишани во рокот за упис како што е предвидено со чл. 60 од Законот за основно образование, туку на средина од првото полугодие, и нивните родители не живеат на адреса во населба Чашка (предвидено во чл.63 од Законот за основно образование), но ова инспекторот „заборавил” да го утврди! Заборавил и дека непристрасноста е едно од основните начела на инспекцискиот надзор.
Левица ги поддржува родителите да издржат пред налетот на иредентистичките и незаконските егзибиции од ДУИ, а против државниот инспектор Сулејмани ќе биде поднесена соодветна пријава“ – се вели во соопштението на Левица.